Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец кој се сомничи дека го предизвикал пожарот во Адвокатската комора на ул. “Методија Шаторов – Шарло”, и ги довел во опасност животот и телото на луѓето и имотот од поголеми размери.
„Една недела претходно осомничениот набавил секира со гумирана рачка, плинска запалка, заштитни ракавици и 48 коцки за потпалување со керозин. На критичното утро, со сопственото возило дошол во близина на зградата каде се сместени просториите на Адвокатската комора, маскиран со “фантомка” и со секирата ја скршил влезната врата. Коцките керозин ги наредил на скалите, а врз нив ставил повеќе плински боци и со употреба на плинската запалка ги потпалил. Со тоа предизвикал пожар од поголем обем во станбената зграда. Причинетата штета се проценува на околу 9.255.000 денари. Само 30-тина минути по настанот осомничениот веднаш со сопственото возило, преку граничниот премин “Блаце” ја напуштил државата“, се вели во соопштението на обвинителството
Од обвинителството посочуваат дека во моментов тој е недостапен за органите на прогонот и дека постои сомневање дека би можел да го повтори делото или да влијае врз сведоците и поради тоа е доставена мерка за притвор која ќе почне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а во меѓувреме по него ќе биде распишана потерница.