Се асфалтира улица „1“ во Јака во општина Илинден

Инфраструктурните активности во Општина Илинден продолжуваат со динамично темпо – во населеното место Јака во тек е финалната фаза од изградбата на сервисната улица „1“. Во моментов се врши асфалтирање на коловозот, со што проектот влегува во својата завршна етапа, информираа денес од Општина Илинден преку социјалните мрежи.

Проектот опфаќа изградба на коловоз со должина од 220 метри и ширина од 5 метри, како и тротоар со ширина од 1,5 метар од едната страна на улицата.

Од Општината во објавата наведуваат дека завршени се и подземните зафати, вклучително и изградбата на систем за фекална канализација, со што, како што велат, се создаваат значително подобрени услови за живот и комунална хигиена за жителите на овој дел од населеното место.

Додаваат дека во наредниот период ќе следува и поставување на улично осветлување.

Увид во текот на асфалтирањето изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, пришто истакна дека ваквите проекти се клучни за создавање уредени, безбедни и функционални сообраќајни решенија, кои директно одговараат на потребите на граѓаните.

„Со реализацијата на овој проект, Општина Илинден уште еднаш потврдува дека останува доследна на својата стратегија за развој на локалната инфраструктура и унапредување на квалитетот на живот. Сервисната улица „1“ претставува уште еден пример за одговорно и ефикасно делување на локалната самоуправа, во служба на своите граѓани, соопштуваат од Општина Илинден.