СДСМ со остра осуда за најавената панихида за Мара Бунева

Остра осуда стигна од најголемата опозициска партија во врска со најавената панихида за Мара Бунева од страна на претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов. Од СДСМ велат дека ова е провокација и повикуваат државата да не дозволи испади или навреди кон достоинството и националните чувства на македонскиот народ.

„Најавите за панихиди за Мара Бунева во земјава СДСМ ги смета за провокација којашто најостро ја осудуваме. Очекуваме институциите на државата да не дозволат било какви испади или навреди на достоинството и националните чувства на македонскиот народ, ниту пак да дозволат злоупотреба на овие настани за нови тензии“, велат отаму.

Инаку оваа панихида е организирана од Виктор Стојанов, претседателот на Фондацијата Македонија кој има забрана за влез во Македонија поради постојаните навреди и негирање на македонскиот народ и држава. Тој имено повика на панихида за Мара Бунева в недела на 12 јануари на кејот на Вардар во Скопје и во црквата Свети Димитрија.

Според неговата објава на социјалните мрежи, панихиди за Бунева ќе има и во Тетово, Струмица и во Прилеп.

Стојанов во последно време е особено активен во Албанија каде дели бугарски книги и учебници за македонското малцинство.