СДСМ предлага 20 отсто зголемување на платите на полицајците. Ексминистерот на МВР и пратеник, Оливер Спасовски, го оцени предлог-буџетот за 2025 година како погубен, посочувајќи дека тоа ќе значи уште една загубена година за економијата, за граѓаните и за полицајците.
Вели дека за полицијата да биде вистински сервис во едно демократско општество, мора да има и мотивирани полицајци, а таа цел со овој амандман целосно се исполнува.
„Полицајците се клучна алка за безбедност и сигурност на граѓаните, чувари на редот и мирот. Тие се секогаш во првите редови подготвени да го ризикуваат својот живот за државата и за сите граѓани. Во изминатите години СДСМ силно инвестираше и во подобрување на животниот стандард на граѓаните и на модернизација и подобрување на условите за работа“, рече Спасовски.