По четири години од првата пресуда поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и останатите обвинети во “Трезор“ добија ослободителна пресуда. Судијата Имре Селмани која го водеше случајот кажа дека јавниот обвинител не го докажал делото за кое се товарат обвинетите.
- “За обвинетиот Сашо Мијалков, за обвинетиот Горан Грујевски, за обвинетиот Тони Јакимовски се ослободуваат од обвинение бидејќи јавниот обвинител не докажа дека обвинетите го сториле делото за кое се обвинуваат“, рече судијката Селмани.
Ова е втора пресуда за поранешниот директор на УБК. Во првата пресуда која беше укината од Апелација, Сашо Мијалков доби 8 години затвор, Горан Грујовски кој е во бегство доби 15 години, Небојша Стајковиќ (бивш помошник-министер во МВР) – 5 години, Тони Јакимовски (поранешен началник на оддел во УБК) – 5 години.
Предметот “ Трезор“ го отвори Специјалното јавно обвинителство и се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. Тие се товареа дека го оштетиле буџетот во висина од 862.045 евра откако се договориле да купат опрема од британската компанија “Гама интернешнл“ а како посредник се јавила фирмата “Финзи“
Откако беше донесена осудителна пресуда, обвинетите се жалеа до Апелација во 2022 година каде после пет месеци предметот повторно беше вратен на одлучување. Во пресудата што ја напиша тогаш Апелација се барало од ЈО да ги истражи и докаже сите незаконски постапки на обвинетите и истите да ги презентира аргументирано поткрепено со докази. Во повтореното судење, од ЈО не презентираа нови докази ниту пак нови сведоци туку со истите се обидоа да изнудат пресуди за што судот мораше да донесе одлука Сашо Мијалков и другите осомничени да бидат ослободени од понатамошно гонење.