Сашко Коцев: Театарот не смее да се претвори во политика

“Политиката може да биде театар со своите бројни заткулисни игри. Но театарот не смее да се претвори во политика. Нашата игра е отворена”, вели популарниот македонски актер и стендап-комичар Сашко Коцев, автор на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот, 27 Март.

Тој додава и дека во услови на исклучително загадена духовна средина, кога тривијалноста на примитивен начин агресивно се промовира како културна вредност и кога преку разни риалити шоуа и технички помагала бесмисленото ѕиркање во туѓите уште побесмислени животи стана секојдневие, неопходно е како никогаш досега да си поставиме прашања.

Прашувајќи дали е доволен досегашниот театарски пристап во однос на девијациите во реалноста и колкава е моќта на театарот, каде треба тој да цели и кој е неговиот краен дострел, Коцев истакнува: “Светскиот ден на театарот е одличен повод токму ние, театарските дејци, да ги симнеме маските ставени на нашите лица и да проговориме за вистината.

Да се навратиме, да се потсетиме или да ги освестиме базичните мотиви кои не натерале да се бавиме со оваа професија. Да го замениме стремежот кон конформизам и благосостојба, кои во принцип значат креативна смрт за уметникот, со несебична борба за промена од моменталниот културен стриптиз во создавање здрава културна матрица”, вели меѓудругото во пораката Коцев.

Македонската порака денеска ќе биде прочитана во сите театри во Македонија заедно со петте светски пораки напишани од автори од Мексико, Либан, Велика Британија, Индија и Брегот на Слоновата Коска.