Сашко Коцев, Цако и Гоце САФ не покануваат да мрдаме со прст на хуманитарна аукциска вечер

На 11 април, вторник, во 19 часот во Јавна соба ќе се мрда со прст и ќе се организира хуманитарна аукциска вечер со познати уметнички имиња за дечињата чии родители се корисници на дроги и сексуални работници.

„Како недостиг на финансии имаме потреба да мрдаме со прст и да направиме нови акции за да можат нашите дечиња да продолжат да доаѓаат во дневниот центар за рехабилитација и ресоцијализација на ХОПС, каде ќе продолжат да разговараат со својот психолог, да работат со својот педагог, ќе комуницираат со социјалните работници, ќе изработуваат креативни изработки, ќе го развиваат својот креативен ум, а воедно ќе им овозможиме повеќе социјални активности и посети на културни настани. Ова ни беше мотивација да се организираме и исконтактираме луѓе кои би сакале да ни помогнат и за наша среќа многу уметнички и уметници прифатија“, изјави Ирена Мила од ХОПС.

Граѓанската иницијатива Мрдни со прст заедно со ХОПС ја организира аукциска вечер, заедно подготвуваат хуманитарна вечер која ќе го размрда секого. Вечерта започнува во 19 часот кога Цако ќе се појави во улога на DJ за да ја загрее атмосферата со својата плеј листа. Во 20 часот започнува аукцијата каде Сашко Коцев ќе нѐ мотивира да купиме некое од делата на нашите уметници.

„Ќе имаме тивка аукција: ако сакате срамежливо и тивко до се наддавате за делата изработени од нашите дечиња и од уметниците, можете тоа да го направите на хартија. Тука имаме различни изработки, маици, чаши, лампи, фотографии, накит. Потоа тука е и гласната аукција каде ако сакате гласно да се наддавате, Сашко ќе ви помогне. Ќе имаме и кутија за дарежливи рачиња, како и директна продажба на книги. Многу ни е драго дека се вклучија и самите родители на децата со свои дела кои заедно со познатите уметници ќе дадат посебен шмек на вечерта. Се радуваме дека со ова мрдање на прсти ќе разубавиме нечии животи“, додава Ирена.

Уметниците кои што се вклучија во хуманитарната акција се: Ване Костуранов, Зоран Кардула, Индог, Тони Попов, Вања и Катја Штркова, Ирина Тошева, Иван Петрушевски (Флим), Јана Јакимовска, Ненад Тонкин, Ана Бунтевска, Влатко Деков, Нора, Ани Би, Елена Фиданска, Ерина Богоева, Дејан Бошковски, Dreadpen, Ем Елепфантски, Лилика Стрезовска, Дороти Пачкова, Скопско астрономско друштво, Мартин Стојановски, Гордана Вренцоска, Александар Наумчевски,

Симона, Анастасија Величковска, Лидија Колега, Соња Манџук, Васко Серафимов, Марија Трпеска, Тихомир Јанчовски, Александар Р, Ирена Мила, Никола Пијаманов, Крсте Анастас Глигорјадис и Галерија Анагор, Маноли Динковски, Верица Пиперевска, Љупчо Бојаров, Alex Pette, Коста Клифов.

По аукцијата ќе следи журка со DJ Goce SAF.

Кампањата „Мрдни со прст“ продолжува и понатаму, а секој кој сака да се пријави за следните акции или да пријави проблем може тоа да го направи преку веб страната www.mrdnisoprst.mk или Facebook страната www.facebook.com/MrdniSoPrst.