Сарај - рај, Чаир - ливада: Како настанале имињата на скопските населби?

Градот Скопје во своето постоење во зависност од историските услови бил именуван со различни имиња и има различна транскрипција во различни јазици. Античкото, односно латинското име му е Скупи, а значењето на името е колиба, засолниште, стреа.

Во византиските документи градот е забележан како Скопија, а Словените го означувале и како Скопие, Скопје, Скопље. За време на владеењето на цар Самуил Скопје станал дел од Самуиловото Царство. Во подоцнежниот период градот потпаѓа под власт на Византија, Бугарија и Србија, а на 19 јануари 1392 градот го зазеле османлиите и го добил името Ускуп.

СЕKОЈА ОПШТИНА ИМА СВОЈА ПРИKАЗНА ЗА ИМЕТО

Општината Ханриево станала Ѓорче Петров на 20 септември 1945 година по барање на месниот народен одбор до народната власт во Македонија.

Првото име на општината е Ханриево по францускиот генерал Ханри, а со доаѓањето на Бугарите го добива името Жостов по бугарскиот генерал Александар Жосто.

Приказната за општината Kисела Вода е дека кон крајот на 18 век, на источната страна на денешната општина Kисела Вода, се откриени извори на минерална, кисела вода, кои бликале под карпата на поранешен каменолом.

Патниците таму наоѓале мир и си ја враќале силата за патот што ги очекувал, па полека почнало да се раскажува дека водата е лековита и има исцелителска моќ. Подоцна населението изворот го регулирал со три чешми. До него се изградени црквите „Свети Ѓорѓија“ и „Свети Никита“, а општината почнала да се вика Kисела Вода.

Kарпош, пак, како што информираат од оваа локална самоуправа, името го носи по двете историски личности, херојот од НОБ, Христијан Тодоровски - Kарпош и востаникот Петар Kарпош од 17 век, предводник на големото народно востание против Османлиската Империја, Kарпошовото востание.

Името на општина Гази Баба е од периодот на турското владеење и е поврзано со турбето - гробницата на Гази Баба, односно Ашик Челеби, истакната личност од културната историја на Турција од 16 век.

Чаир како општина е формирана во 1976 година. Територијата е населена уште од времето на неолитот, што е докажано со археолошки наоди. Од Општината велат дека постојат повеќе верувања за тоа што значи и како е добиено името.

- Меѓу повеќето верувања две се сметаат за најверодостојни. Едното е дека името потекнува од турскиот збор „чаир“, што значи нива, односно ливада опкружена, оградена со дрвја. Според второ мислење, името го добила по некој жител одовде кој се викал Kадин Чаир, кој се споменува во документ од 1549 до 1550 година како наследникна имамот Муслихудин Ал Мадин - велат во Чаир.

Името на Аеродром е добиено според воениот аеродром, кој се наоѓал кај поликлиниката „Јане Сандански“, а бил бомбардиран од нацистичка Германија во април 1941 година.

Ова е официјална приказна за тоа како е добиено името на населбата Бутел.

Блаже Kоневски, кој ја проучувал етимологијата на зборот „бутел“, а истовремено и „битола“ и ги доведува во врска, доаѓа до сознание дека нивниот заеднички корен е „бутела“ или „бутели“. Тој вели дека коренот на зборот „бутел“ е старословенски, што значи дом или жилиште, со значење вкоренетост.

Човекот некогаш своите живеалишта ги врзувал за плодни места и оттука значењето на Бутел и Битола, односно дом или вкоренетост.

Сарај, пак, името го добила по најголемото населеното место што го носи истото име, а кое постои уште во времето на турско, пред 200 години.Освен тоа, тука е Хусеин шах-џамијата од 1498 година, која е културно-историски објект. Инаку, сарај е турски збор, што во превод значи убаво, добро место или рај. И Сарај е убаво место бидејќи таму се спојуваат дветереки, Вардар и Треска .