Сара Климоска блесна на црвениот килим во Сараево, рамо до рамо со светските филмски ѕвезди

Македонската актерка Сара Климоска блесна на отворањето на 32. Сараевски филмски фестивал, каде годинава е членка на жирито во главната натпреварувачка програма, предводено од британската актерка и двапати номинирана за Оскар, Емили Вотсон.

Климоска на црвениот килим во Сараево се појави во впечатлив бел ансамбл, а нејзиното присуство во жирито е уште едно значајно признание за македонската актерка, која последните години гради сè позабележителна кариера и надвор од земјава.

Годинава Македонија има силно присуство на фестивалот. Во главната натпреварувачка програма за наградите „Срце на Сараево“ се „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума, „17“ на Косара Митиќ и малцинската копродукција „Срам и пари“ на Висар Морина, со македонската продуцентка Марија Димитрова од „Лист продукција“.

Во документарната програма е и „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, инспириран од жртвите и хероите на Кочани.

Климоска дипломираше на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а зад себе веќе има улоги во „Врба“ и „Кајмак“ на Манчевски, како и во низа домашни и меѓународни филмски и телевизиски проекти. Нејзината најнова главна улога е во „Збогум, Копакабана“, чија премиера е најавена за 2026 година.

Од македонската филмска сцена до црвениот килим во Сараево и жирито предводено од една од најпознатите британски актерки – убава сцена за македонската кинематографија и уште еден важен чекор за Сара Климоска.