Санкционирани скоро 1.600 возачи на мотоцикли, мопеди, електрични тротинети и велосипеди низ државата

Во рамки на спроведувањето на превентивно-репресивните мерки и акциски контроли насочени кон откривање и санкционирање на прекршоци сторени од возачи на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, четирицикли и електрични тротинети, на територијата на целата држава биле реализирани 246 акциски контроли и 58 превентивни активности, информираа од МВР.

Од таму посочија дека при контролите биле констатирани вкупно 1.594 прекршоци, од кои 1.417 се сторени од возачи на велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, 174 прекршоци од возачи на електрични тротинети и три прекршоци од возачи на велосипеди.

Најчестите прекршоци кај возачите на мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли биле: некористење заштитен шлем (кацига) за време на возење – 962 прекршоци, управување под дејство на алкохол – 145 прекршоци и управување без возачка потврда – 70 прекршоци. Во рамки на преземените мерки одземен е 41 мотор.

„Кај возачите на електрични тротинети најчесто се констатирани прекршоци поради некористење велосипедска патека, велосипедска лента, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаци (член 103-а став 1) – 63 прекршоци, симнување на рацете од управувачот, придржување за друго возило, превезување, влечење или туркање предмети, како и користење електронски уреди за време на управување (член 103-б став 1) – 17 прекршоци, движење на сообраќајни површини каде што не е дозволено движење со електричен тротинет (член 103-а став 5) – 15 прекршоци и управување од лице кое не наполнило 14 години возраст (член 103-в став 1) – 14 прекршоци. Во рамки на преземените мерки, писмено се опоменати 10 возачи на електрични тротинети“, појаснуваат од МВР.

Порачаа дека Министерството за внатрешни работи продолжува со засилени контроли и апелираа до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.