Санкционирани 37 посетители на ЗОО Скопје, но забележана и огромна посетеност

Викендов е забележана рекордно висока посетеност на Зоолошката градина во Скопје, а инспекторите на лице-место казниле повеќе лица.

Повеќе од 17.000 посетители викендов пристигнале во ЗОО Скопје, што е највисока забележана бројка доега. Како што беше најавено минатата недела, тим инспектори патролираа во Зоолошката градина, со цел навреме да се забележи несоодветно однесување и истото да биде санкционирано. 

Според извештајот за викенд-работата, инспекторите казниле 37 лица (само во саботата) кои ги хранеле животните, иако тоа е забрането, фрлале отпадоци по патеките или во живеалиштата, ги вознемирувале животните, но и не ги почитувале мерките за заштита од КОВИД-19. 

Од Зоолошка потсетуваат дека ЗОО Скопје има свои правила и кодекс на однесување и тоа секој посетител треба да го почитува исто како кога се оди на концерти, кино и спортски натпревари и се почитуваат правилата за влез.