Санирани три клучни сообраќајници во Драчево

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вчера на улицата Румена Хаџипнзова го промовираше вториот од седумте капитални инфраструктурни проекти кои се реализираат во рамки на роденденските активности на Општина Кисела Вода.

Во населбата Драчево, се санирани три клучни сообраќајници- “Румена Хаџипанзова”, “Јанко Мишиќ” и “Речиште”.

Паралелно во соработка со Градот Скопје течат проекти за реконструкција на булеварот ,,Борис Трајковски, за улицата “Славка Динкова” за која тендерската постапка е при крај, а кон средината на јули, готова ќе биде и целосната реконструкција на улицата ,,Живко Фирфов”. Ова е само дел од 14-те километри патна инфраструктура на која се интервенира за само 7 месеци, откако Општина Кисела Вода има ново раководство.

-Ова се само три поголеми улици кои денес ги издвоивме од многуте кои се опфатени со градежната офанзива што ја отпочнавме во општина Кисела Вода. Само во Драчево, паралелно со ова преку соработка со градот Скопје, со темелна реконструкција е опфатена и улицата Славка Динкова, за која тендерската постапка е во тек, и која повторно претставува решение на проблем стар преку 30 години, а активно тече и реконструкцијата на булеварот ,,Борис Трајковски”. Преку неа, Драчево со централниот дел на Кисела Вода ќе се поврзе преку  модерно булеварско решение со 4 ленти, а кон средината на јули, готова ќе биде и целосната реконструкција на улицата ,,Живко Фирфов”, рече градоначалникот на Кисела Вода. 

-Ова е само дел од 14-те километри патна инфраструктура на која интервенираме за само 7 месеци. Градежната офанзива започна и допрва ќе се случува. Ќе го менуваме ликот на општината и ќе ја направиме пожелна дестинација за домување, за работа, за живеење. Денешниот настан е втор од предвидените 7 преку кои ги отпочнуваме или завршуваме седумте капитални инфраструктурни проекти, во рамките на роденденското празнување на општината под слоганот “67 години моја Кисела Вода“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.