Инспекторатот на општина Гази Баба во соработка со Министерството за внатрешни работи и Јавното претпријатие Гази Баба 2007 изминатиот период реализираше акција во населеното место „Кирил Петрушевски“ во која се одземаа отпадни гуми и отпадни материјали.
Локација која беше предмет на акцијата се наоѓа во непосредна близина на поранешната градска депонија Вардариште и претставува црна точка во поглед на загадување на животната средина и амбиентниот воздух поради спалување на отпад.
- Отпадните гуми и материјали најчесто се спалуваат и употребуваат како енергенс за загревање на локалното население, а дополнително се користи и металот кој останува по согорување на гумата. Во рамките на акцијата се собрани еден тон отпадни гуми и истите се предадени на правно лице кое поседува дозвола за третман на ваков тип на отпад. Толеранција нема да има за никој! - најави градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски.
Инспекторатот продолжува со посветена работа на терен со цел разоткривање и санкционирање на сите оние кои со своите постапки придонесуваат во загадувањето на амбиенталниот воздух, најави тој.