Санев: Потребна е сериозна национална стратегија како да се справиме со големиот број самоубиства на млади луѓе

Длабоко сум вознемирен од информациите за двете самоубиства на 25-годишно момче и 22-годишно девојче, вчера и денеска во Штип.

Во последните неколку недели има 3 самоубиства на млади луѓе. За краток период неколку самоубиства имало и во соседно Кочани.

Ништо не може да им ја надомести загубата на нивните најблиски и ништо не може да ни ги врати животите на овие млади луѓе. Верувам дека нивната вознемиреност била многу длабока, но многу сум загрижен за нивното посегање по своите животи.

Сигурен сум дека како општество и средина, грешиме некаде. Треба многу внимателно и посветено да работиме со младите во училиштата, на нивните работни места и најважно - во домот, за вакви трагедии да не ни се случуваат повеќе.

Не смееме да ги оставиме работите вака. Мораме да развиеме сериозна, детална и аналитички разработена национална стратегија како да се справиме со големиот број самоубиства на млади луѓе.

Тие се нашата иднина и нашиот најголем ресурс.

Нивната загуба е нашиот најголем пораз...

ФБ статус на Ванчо Санев