Самостојна изложба на Стефан Димовски во МКЦ

Денеска, со почеток во 20 часот ќе биде отворена шестата самостојна изложба на Стефан Димовски во галерискиот простор на МКЦ. На изложбата авторот ќе се претстави со триесетина дела во комбинирана техника.

Стефан Димовски е роден 1983 во Скопје, во уметничко семејство. Сериозно започнува да се занимава со акварел во 1995 г. Долгогодишниот престој во Франција му увозможува да воспостави контакти со познати акварелисти и да ја усоврши акварелната техника до перфекција. Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција.

Во 2010/2011 година дел од неговите акварели се селектирани во 11-тото издание на Интернационалниот каталог за модерна уметност (Италија, Рим). Во 2011 добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12. саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција. Во 2011 година исто така добива втора награда за скулптура изработена од отпад за рециклирање, во организација на „Пакомак“. Во 2015 година станува член на ДЛУМ и учествува на сите изложби во организација на ДЛУМ во земјава како и во странство.

Во 2017 добива награда „Златна четка“ од ДЛУМ на МиниАРТура во НЛБ галерија. Во 2018 година заедно со Ангел Димовски Чауш, Трајче Чатмов и Љупчо Илиевски ја претставува Македонија на „Ворлд арт Дубаи“ во организација на Matchboox gallery Skopje, каде што истата галерија е номинирана во 10 најдобри галерии во конкуренција од 42 галерии и 157 уметници. Негови дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и странство. Во неговите дела покрај чистиот акварел, присутна е и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепиа, пастел).