Самохраните мајки во Македонија тешко доаѓаат до работа

Самохраните мајки тешко доаѓаат до работа. Се проценува дека околу 30 проценти од нив во земјава се невработени и треба да им се помогне за полесен пристап на пазарот на трудот и преку мерките за вработување во Оперативниот план.

Ова беше посочено од учесниците на завршната конференција за  проектот „(Само)вработување за самохрани мајки“, финансиран од ЕУ,  што  го спроведуваат Здружението на бизнис жени, Институтот за менаџмент поддршка и Бизнис конфедерација на Македонија.

– Во оваа држава во принцип тешко се доаѓа до вработување. Самохраните мајки се посебна група затоа што не само што немаат работа туку го имаат и оној терет на излегување од дома и теретот на стигматизам од околината и затоа е потешко нив да ги извлечеме од дома и да ги вработиме. Меѓутоа со ваквите програми кои се позитивен пример сметам дека може да им помогнеме и на нив и на децата, рече Валентина Дисовска претседателка на Здружението на бизнис жени на Република Македонија.

Според неа, работодавачите треба да бидат свесни дека самохраните мајки треба да бидат вработени и да бидат свесни за пробелмите што ги имаат. Порача дека треба да имаат флексибилно работно време за да им се овозможи да се грижат за семејството. 

Работодавачите, според Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на работодавачи, треба сите да имаат еднаков третман при вработувањето и работодавачите да не објавуваат огласи кои ќе бидат дискриминаторски.

– Се повеќе и повеќе се крева свеста во Македонија и важно е дека луѓето ги третираме исто без оглед дали се со попречености или се во некоја друга категорија. Важно е дека на сите треба да им се дадат еднакви можности, истакна Бошков.

Тој потенцира дека проектот покажал дека на самохраните мајки им треба огромна поддршка, им треба социјално вклучување и многу голема сигурност во однос на начинот на кој се вработуваат и начинот на кој влегуваат на пазарот на трудот.

До креаторите на политики порача дека може да се креираат мерки за вработување на оваа категорија во Оперативниот план за вработување и оти Агенцијата за вработување како институција има потенцијал за нови техники за вработување.

Емилија Голова, самохрана мајка и учесник во проектот вели дека самохраните родители се посебна категорија, особено мајките бидејќи во нашето општество тие се во неповолна состојба заради економската состојба.

– Тие се вознемирени, немаат поддршка и токму поради тоа ваквите проекти значат од  аспект не заради тоа што ќе ти помогнат економски, туку и заради тоа што ќе  покажат дека некој во општеството се грижи за нив, дека навистина забележува дека се посебна категорија на луѓе на кои им треба помош, истакна Голова.

Проектот опфати самохрани мајки од Скопје, Штип и Битола.