Само за еден ден од коронавирусот заразени 14.840 луѓе

Бројот на смртни случаи како последица на коронавирусот во кинеската провинција Хубеи нагло се зголеми за 242, но нагло порасна и бројот на заразени – 14.840.

Тоа е рекорден број на забележани смртни случаи и заразени во само еден ден, пренесува Ројтерс, додавајќи дека вкупниот број луѓе кои починале од коронавирусот во Кина сега е зголемен на 1.310, а бројот на заразени на 48.206.

Здравствените претставници во оваа кинеска провинција, објавија дека од денеска во билансот ги вклучуваат и луѓето кај кои болеста е дијагностицирана со нови методи.

Здравствената комисија минатата недела најави дека ќе почне да ги признава резултатите на компјутерската томографија, преку радиолошки методи на снимање на пациентите, како потврда за инфекција, што им овозможува на болниците побрзо да ги изолираат пациентите.

Провинцијата Хубеи претходно ги признаваше резултатите на тестовите на рибонуклеарната киселина, кои покажуваат присуство на вирус, но за тоа е потребно извесно време да се добијат резултати.

Користењето на скенер може брзо да покаже инфекција на белите дробови, па пациентот ќе може да започне со лекување на време и на тој начин ќе се зголеми и можноста да бидат излекувани.