Само со потврда од детска клиника ќе може да се одложи вакцинирањето од морбили

Комисија за заразни болести одлучи да стави ред во имунизацијата во земјава. Така, во иднина вакцинацијата на децата со МРП вакцината ќе може да се одложува само со медицински белешки дадени од стручен тим од Клиниката за детски болести. Тоа значи дека со потврди од матични лекари веќе родителите нема да може да се правдаат дека кај нивните деца се можни контраиндикации од МРП.

Како што реагираат од Институтот за јавно здравје, со вакви потврди голем број дечиња се примале во градинка без оваа вакцина. Со тоа тие директно ги загрозуваат малите деца оти вакцината за прв пат се става на 13 месеци.

Примариус д-р Жарко Караџовски, епидемиолог во ИЈЗ и член на Комисијата за заразни болести потенцира дека не може секој доктор да одреди дали детето може да има контраиндикации, тоа можат да го одредат само строго професионалци од Клиниката.
Комисијата донесе одлука и за задолжителна вакцинација со МРП и на здравствените работници кои работат со деца.

– Тие се вклучени во процесот на лекување на заразените и постои опасност од ширење на вирусот – смета д-р Караџовски.
Мерката на здравствените власти без примена вакцина децата да не се пуштаат во градинка останува на сила додека трае епидемијата на морбили во Скопје.

Второто полугодие ќе почне од понеделник, зашто досега нема заразено училишни деца.

Во моментов се разгледува и предлогот на Комисијата за заразни болести да се започне постапка за вакцинација во училиштата, бидејќи во Скопје околу 4.000 ученици од прво до деветто одделение ја немаат примено МРП вакцината.

Во изминативе две недели во здравствените установи се вакцинирани нешто над 2.000 лица. Голем број од родителите се плашат да ги вакцинираат децата, заради скандалот што изби со Македонија лек. Јавноста деновиве е вознемирена бидејќи санитарните инспектори на терен утврдија дека се пуштени над 600 кутии со вакцинии кои имаат погрешно залепена декларација, но дека внатре вакцините не се со поминат рок.

За да потврди дека МРП вакцините се со добар квалитет министерот за здравство Венко Филипче ја вакцинираше својата внука Илина. Тој официјално објави на Фејсбук дека ја вакцинирал внуката Илина во обид да ја охрабри македонската јавност и особено скептиците и конспираторите против имунизацијата.

Министерот Филипче исто така посочи дека контролите на увезените вакцини се направени во една од четирите лаборатории во Европа, кои вршат биолошки испитувања.

Но од средината на декември 2019 година откога стартуваше епидемијата на морбили во Скопје постојано расте бројот на новозаболени. За нешто повеќе од еден месец во главниот град регистрирани се 58 случаи со мали сипаници.

Околу 30 заразени се на лекување на Инфективна и се под контрола на лекарите. Засега нема животозагрозувачки пациенти, но кај четири пациенти е утврдено потешко воспаление на белите дробови.