Само половина од пријавените за вакцинација доаѓаат да се вакцинираат

Од 9 илјади закажани термини за вакцинација против ковид-19, вчера на пунктовите низ цела земја дошле 4.500 граѓани, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Во земјава досега се вакцинирани 66.086, а пријавени се 245.287. Во вкупната бројка не влегуваат околу 15.000 граѓани кои се вакцинираа во Србија.

„Ќе се обидеме денеска да видиме и да го идентификуваме проблемот. Искрено, верувам дека одзивот нема да биде ваков и понатаму. Можеби и затоа што е прв ден, можеби затоа што е почеток на ваков систем за масовна вакцинација. Секој од пријавните граѓани ќе добие термини. Апелирам уште еднаш граѓаните да се пријават на сајтот за вакцинација“, кажа денеска министерот на најавата за реновирање на Онколошкиот оддел на Клиниката за детски болести во вредност од 125 илјади евра.

Министерството за здравство претпладнево апелираше граѓаните кои добивале смс пораки за да се вакцинираат во друг град, а не каде што живеат и вчера не дошле за вакцинирање против ковид-19, треба да дојдат денеска во местото каде живеат, односно на вакциналниот пункт во нивниот град. Ова важи за сите граѓани кои и денеска или во наредните денови ќе се соочат со овој проблем.

Појаснувањето на Министерството следи откако граѓаните на социјалните мрежи реагираа дека за вакцинација добивале смс пораки за да се вакцинираат во друг град, а не каде што живеат, и дека системот Мој термин направил анализа.

„Не е потребно граѓаните повторно да се пријават ниту на вакцинација.мк ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката која ја добиле односно каде пишува дека вчера имале термин за вакцинација“, вели Министерството.

Освен салите за масовна вакцинација во Скопје, Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, вакциналните пунктови работат и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија.