Само две кафулиња ги тргнале дивите тераси, за другите – уривање со полиција

Секторот за инспекции на општината продолжува со акцијата за отстранување на диво и нелегално поставената урбана опрема на нејзина територија.

Двајца од вкупно 20 угостители, за кои постојат решенија да ги отстранат дивите тераси на кафулињата – го направиле тоа.

Една дискотека во Градскиот парк и едно кафуле од Дебар Маало си ја завршиле обврската. Другите како да ги игнорираат решенијата што ги добиле од Општина Центар.

Градоначалникот Саша Богдановиќ е дециден, откако им бил даден простор самостојно да се повлечат и не го сториле тоа, сега следи рушење со асистенција на полицијата и запленување на се од имотот што ќе се затекне во моментот.

-Неколкупати апелиравме угостителските објекти, кои имаат решенија со определен рок, самите да ја дислоцираат урбаната опрема. Само неколку се пријавија дека ќе го направат тоа, а и тие одолговлекуваат и не го испочитуваа зададениот рок. Сите останати веројатно чекаат Општината да го направи тоа на нивни трошок, вели Богдановиќ.

Деновиве што следат, прво ќе им бидат испратени опомени, а потоа ќе следува уривањето, за што општината ќе има потреба да ангажира фирми за тоа да го направи.