Само 6 кандидати се пријавиле на повикот на градоначалникот Петре Шилегов за оџачари

Само 6 кандидати се пријавиле на повикот на градоначалникот Петре Шилегов за оџачари. Во огласот кој го објави Градот пред 10 дена се бараа 25 лица, дознава СДК

Градоначалникот Шилегов на 30 април ги повика граѓаните да аплицираат за обуката за оџачари која ќе трае 3 месеци и после која ќе им се помогне да почнат сопствен бизнис. Овој проект како што најави Шилегов се спроведува како една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот и поради тоа што во Скопје нема доволно оџачари за чистење на оџаците.

Поради малиот број на пријавени кандидати од кабинетот на градоначалникот Шилегов велат дека огласот ќе биде продолжен.

Во огласот се бараа 25 лица кои додека трае обуката ќе добиваат 9.000 денари месечен надоместок. По завршувањето на обуката, на секој кандидат, покрај сертификат, ќе му бидат обезбедени основни материјали за отворање сопствен бизнис за од септември да можат да почнат со работа. Од тогаш Градот ќе почне и со субвенционирање на домаќинствата за чистење на оџаците за што во буџетот се предвидени 10 милиони денари.

„Во Скопје има само 8 регистрирани оџачари, а 45 отсто од вкупниот број домаќинства во Скопје се греат на дрва, односно тоа е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во Скопје. Според некои податоци во Скопје има над 60.000 оџаци кои многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен оџак. Сега, со овој чекор, предвидуваме илјадници оџаци да бидат исчистени до почетокот на идната грејна сезона“, рече на прес-конференцијата за објава на огласот за оџачари пред десет дена градоначалникот Шилегов.