Само 13 години имала најмладата пациентка на која и бил направен абортус во државава

Само 13 години имала најмладата пациентка на која лани и бил направен абортус на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје. Околу три ипол пати повеќе абортуси имало во 2023 година споредено со 2020 година на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, покажуваат податоците од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО). За четири години, на оваа Клиника имало вкупно 2.626 абортуси, а бројот секојдневно растел од 2020 година до 2023 година. Во 2020 година биле извршени 324 абортуси, во 2021 имало 554, во 2022 имало 615, а лани 1.133 абортуси.

Според извештајот на службите за здравствена заштита на мајки и деца за 2021 година,  во текот на 2021 година регистрирани се вкупно 20 живородени новороденчиња од мајки под 15 години и 791 живородени и 5 мртвородени новороденчиња од мајки на возраст од 15 до 19 години.

Во 2023 година, Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава во соработка со националните партнери, започна формирање база на податоци за децата со цел развивање на демографски профил на детската популација во Македонија. Според базата на податоци кај групата адолесцентки на возраст 15-19 години, во рамки на Пописот, 1.000 девојки изјавиле дека имале родено едно или повеќе деца.

„Стапката на раѓања кај адолесцентки изнесува 20 раѓања (19,7) на 1.000 девојки на возраст 15-19 години. Доколку резултатите ги споредиме со Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС), што во Република Северна Македонија беше спроведено во 2018 и 2019 година, на примерок од повеќе од 4.000 домаќинства, постои незначително намалување на стапката на раѓања меѓу адолесцентки, од 21 на 20“, се наведува во публикацијата.