Сали: Во рамки на владина реконструкција, Вреди ќе добие шест министерства

Вреди ќе добие шест министерски ресори во рамки на најавената владина реконструкција, потврди вчера вицепремиерот и министер за евроинтеграции, Беким Сали.

Според него, конечните одлуки за новите министри сè уште не се донесени, а разговорите за реконструкцијата продолжуваат.

Сали изјави дека Вреди во новата владина распределба ќе раководи со Министерството за животна средина, Министерството за економија, Министерството за правда, Министерството за култура, Министерството за евроинтеграции и Министерството за односи меѓу заедниците.

Тој посочи дека на чело на ресорите правда и култура ќе бидат именувани нови лица, но нивните имиња засега не се финализирани.

„Сè уште нема конечни имиња за правда и култура, но тоа ќе бидат две нови имиња. Актуелните министри, според мене, добро ја извршуваат својата работа во Владата, задоволни сме како ВРЕДИ и тие ќе продолжат понатаму. Здравство не е дел од нашиот пакет“, изјави Сали.