Саксиски растенија кои ќе ве заштитат од инсекти

Некои растенија кои лесно се засадуваат и одгледуваат се и многу моќни репеленти и инсектите ќе бегаат што подалеку од вас, вашиот дом или дворот и терасата. 

Комарците и другите здодевни инсекти често нè вознемируваат кога доцна попладне седиме на терасата или во дворот, особено ако претходно имало дожд или ако сте во близина на вода. Наместо да користите најразлични хемикалии, во саксии на терасата или во дворот засадете растенија кои на природен начин се борат против инсектите. 

Истовремено, овие растенија ќе ја освежат вашата домашна градина и ќе ја исполнат со прекрасен мирис, а вие ќе можете да уживате во попладниња без да бидете искасани од комарци.

Лаванда

Мирисот кој нас ни е пријатен, за комарците е иритирачки, па тие бегаат од места каде лавантата цути. Меѓу другото, ова растение има антисептички и антигабични својства, па можете од неа да подготвите средство за мачкање. Неколку гранчиња лаванда оставете ги да отстојат еден до два месеца во алкохол и потоа можете да ја користите смесата како лосион против комарци, ако треба да одите некаде каде има ризик да бидете изложени на инсекти. 

Џунџуле

Ова декоративно цвеќе освен што ќе ја освежи вашата тераса или градина, ќе го спречи и доаѓањето на комарците и другите бубачки, бидејќи содржи тиофен, соединение кое инсектите го мразат. Доброто за џунџулето е што успева на секаква клима и во секаква почва и е лесно за одгледување. 

Рузмарин

Силниот мирис на рузмаринот ќе ги држи што подалеку од вас сите инсекти, меѓу кои и комарците и мушичките. Дома можете да го чувате во саксија, а надвор, во дворот, ако запалите гранче рузмарин, можете да бидете сигурни дека комарците нема да ви се приближат цела вечер. 

Босилек

Освен што е вкусен зачин и додаток во сосови и салати, на природен начин ги брка несаканите гости. Според некои студии, ова растение дури е и отровно за комарците, а од неговиот мирис тие бегаат што подалеку. Во минатото, нашите баби практикувале да се истријат со листови од босилек на рацете и нозете, за да не ги касаат комарци.