Сакав да се бориш за мене, но ти не можеше да го направиш дури ни тоа...

„Еден ден се разбудив и одлучив дека повеќе не сакам да се чувствувам така, никогаш повеќе. И се променив. Преку ноќ.“

Се сеќавам на денот кога ти реков дека си заминувам. Се сеќавам како шминката ми беше размачкана низ цело лице. Седнав во автомобилот и додека си заминував, те гледав како гледаш како си заминувам. Стоеше таму, на истото место како и секогаш, но овојпат немаше бакнежи, не ми мавташе. Само гледаше.

Јас те чекав и чекав и чекав. Ми требаше нешто. Што било. Потрошив многу време чекајќи те. Додека возев гледав зад себе за во случај да се појавиш од некаде. Цело време го проверував мобилниот надевајќи се дека ќе добијам порака од тебе. Сакав да копнееш по мене како што јас копнеев по тебе. Сакав да мислиш на мене како што јас мислев на тебе. Едноставно сакав да се бориш за мене. За нас.

Се чувствував сигурно во твоите раце. Ми рече дека сакаш да бидам твоја жена и мајка на твоите деца и јас ти поверував. Секој дел од моето битие сакаше ти да бидеш мажот со кој ќе остарам. Од моментот кога се запознавме, верував дека ти си правиот за мене. Но, со текот на времето сите овие работи се променија. Станавме отровни еден за друг. Се обвинував за голем дел од работите. Мислев дека јас сум одговорна, но не бев. Потрошив денови грижејќи се за тебе. Се изгубив самата себе. Сите ме прашуваа зошто ти дозволувам да се однесуваш така кон мене, но јас гледав нешто во тебе. Те сакав. Искрено те сакав. Но, за тебе никогаш ништо не беше доволно.

Првиот пат кога ме остави, си отиде затоа што си сакал да почувствуваш нешто. Мислеше дека тоа ќе биде доволно, но сфати дека не е. Па се врати назад. Иако и тоа не ти беше доволно. Ти си оној кој бега. Бегаш кога работите ќе станат лоши. Не можеш да издржиш ниту една година без некаква драматична промена. Не сум сигурна дали и самиот знаеш што сакаш. Јас ти дадов сѐ. Направив сѐ што можам да направам. Те прифатив тебе, твоето минато, твоите несовршеност и твојата темна страна. Ти криеше работи од мене. Верувам дека имаш добро скриени тајни за кои не зборуваш со никого. Дури и кога ме болеше срцето, стоев покрај тебе и те сакав и покрај сѐ. И цело време си викав: „Еднаш веќе те остави, зошто го прими назад?“

Но, да не беше ова искуство, никогаш немаше да си ја научам лекцијата. Лекцијата дека не можам некого да „поправам“. А те сакав и без оглед на сите непроспиени ноќи, без оглед на самотијата која ја чувствував иако бев покрај тебе. Бев подготвена да те сакам до крајот на животот. Па така, кога еден ден ќе се разбудиш и нешто ќе те потсети на тоа дека требаше да ме цениш, мене веќе нема да ме има. Одбивам да останам и да го чекам моментот кога ќе се каеш што си ме изгубил. Одбивам.

Ќе останам своја, без оглед на тоа дали си ти свесен за мојата вредност или не. Сега знам колку вредам. Учам да живеам без тебе и верувам дека Бог има план за мене. Се молам и за тебе. Се молам да го пронајдеш својот пат и среќа во себе.

И сега кога го кажав ова, се предавам. Ја предавам оваа битка.