Сакам правник да бидам, ама тато стоматолог ќе ме „прави“

Некои ќе заминат во странство, дел ќе го следат својот сон, а другите желбата на родителите...Направивме една анкета каде ги прашавме скопските матуранти дали и на кој факултет би се запишале?

-Да, дефинитивно ќе се запишам на факултет. Една препорака само од мене, запишете се на оној факултет на кој навистина сакате да се запишете и не се залажувајте да им ја исполните желбата на своите родетели или да се докажете самите на себе си во нешто кое не е за вас. Кога ќе завршите средно, размислете многу убаво што сакате да учите,која работа би ве исполнила. Учете со голема посветеност и не се залажувајте со пропаднати вредности. Оцените се за во индексот, а знаењето е за вас, вели Марина од средното економско училиште Васил Антевски - Дрен.

-Јас сакам да одам на Правен факултет, но татко ми не ми дозволува бидејќи дома кај мене сите се стоматолози, по логика треба и јас да бидам за да го наследам семејниот бизнис. Но, мене тоа не ме влече, се уште се борам за да докажам дека ако одам на медицина нема да го завршам факултетот ниту ја сакам професијата. Постојано ме убедуваат дека правници има со лопата да ги ринеш, обајснува Мартин од гимназијата Јосип Броз Тито.

-Нема да се запишам на факултет планирам да замина во стрнаство со еден другар па таму да работам, можеби ако се вратам во Македонија ќе се запишам на некој од факултетите, вели Дарко, матурант од средното економско училиште Арсени Јовков.

-Денес секој втор е магистар, доктор на науки и е заведен во Агенцијата за вработување како неварботен. Да, ќе се запишам на Економски факултет, но не гледам перспектива за младите овде кај нас, вели Ана, матурант од гимназијата Орце Николов.

-Ќе учам, не би сакала да останам со средно образование, но имам на ум напоредно да одам на курсеви за веб дизајн за да можам да подарботувам меѓувреме додека студирам и онка оваа професија е најбаран во моментов на пазарот на трудот, вели Елена од гимназијата Раде Јовчевски - Корчагин.