Сакам обичен и едноставен живот, не сакам многу

Што ако сакам едноставен и обичен живот? Што ако сум среќна со малку, со среќата на оние што ги сакам? Што ако сакам смиреност, наместо хаос и гужва и многу пријатели?

Живееме во време кое е гласно, каде постојано се трудиме да изградиме нешто, да бидеме нешто, да имаме многу. Постојано да бидеме подобри и поголеми. Да се бориме за големи нешта, слава, лајкови. Да имаме некакво влијание на светот.

Но, што ако го немам тоа во себе? Што ако мојата желба за да бидам одлична жена не е да изградам голема кариера, да имам 2000 пријатели на Фесјбук, туку да бидам тука за моите деца  и моето семејство. Да живеам едноставен живот.

Што ако не правам големи волонтерски дела за светот, што ако не зборувам за Сирија, за војните во светот и терористичките напади, туку им помагам на сиромашните деца од нашето маало? И, не сакам да готвам некои специјални јадења со авокадо, аспарагус, квионоа. Сакам да направам пинџур, тавче гравче и сарма. Што ако не сакам да бидам специјална и фенси, туку обична, нормална жена?

Сакам да имам мирен и нормален, најобичен живот. Не сакам многу.

Не можам да се преправам дека имам енергија за луди забави, излегувања и дружења. Немам енергија. Имам спокојна душа, религиозна сум и конзервативна и не сум доволно храбра да мислам дека ќе го сменам светот со моите Фејсбук и Инстаграм постови.

Сакам време за моите деца, за мојот сопруг, но и време за себеси. Сакам да пешачам, читам историски книги и гледам љубовни филмови. Таа сум.