Сакам дете, ама не сакам да сум во брак

Во Македонија, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, околу 12 отсто од вкупниот број родени деца се вонбрачни.

Според социолозите, процентот на деца родени во вонбрачна заедница е поголем кај Албанците и Ромите, зашто многу често тие живеат во неформален брак, признаен само од верски работник (оџа).

Бројот на вонбрачни деца во Европа е двојно зголемен во споредба со периодот од пред две децении. Најголем број вонбрачно родени деца има во Естонија, а најмалку во Грција. Трендот на намалување на бројот на склучените бракови исто така се одразува со зголемување на бројот на децата родени надвор од брачна заедница.

Според податоците на Државниот завод за статистика во Македонија, најголемиот број живородени деца (88,4 отсто) се родени во брак и може да се каже дека намалувањето на фертилитетот е резултат на одложувањето на стапувањето во брак во повозрасните години.

Најмногу живородени деца надвор од брак се родиле од родители што им припаѓаат на албанската и на ромската етничка заедница. Од вкупно родени 2.651 вонбрачно дете, 565 деца се родени од родители од албанска националност, 471 дете се Роми, а 247 деца се од родители-Македонци.