Сакам да ти кажам дека ми е жал што порано не си заминав...

Сакам да се ослободам од минатото, сакам да се ослободам од стравовите, сакам да си простам за сите направени грешки иако не беа мои.

Сакам да ме разберат кога ќе кажам дека не можам да се предадам целосно.

Сакам да признаам дека не сум силна и дека ме боли. И дека тоа е океј.

Сакам да продолжам понатаму без да ме влечат железните синџири од минатото кои го обвиваат моето срце и мојот разум.

Најмалку што можам да ти кажам е дека...

Навистина ми е жал што толку многу се трудев.

Жал ми е што ти дозволував многу работи.

Жал ми е што првиот пат ти простив.

Жал ми е што ти мене ми прости. 

Жал ми е што толку долго останав.

Жал ми е што порано не го увидов тоа.

Жал ми е што толку голем дел од мене остана во таа врска, што со месеци не може да се соберам.

Толку долго ја трпев твојата фрустрација која беше фрлена на мене, што кога конечно се ослободив од тебе, сега не знам како да го препознаам патот за да излезам од сопствените фрустрации, затоа што ти гледаше работи кои не постојат и јас сега не знам како да им верувам на другите. 

Толку многу време пројде, а уште толку време ќе пројде додека не се залечат раните. Затоа што ти многу ми значеше.

Жал ми е што психички ме фрли на дното и почнав да верувам во твоите зборови. Во она што го зборуваше за мене. Во она што јас ти бев на тебе. Онаква каква што ти ме гледаше. 

Жал ми е што на другите им кажуваше ужасни работи за мене кога јас ти посакував сѐ најдобро. 

Жал ми е што другите поверуваа во тоа, затоа што јас сакав само да стекнам нови пријателства.

Жал ми е што ги преувеличуваше нашите приказни.

Жал ми е што не те пуштив да отидеш кај друга девојка.

Жал ми е што ги трпев твоите закани. 

Жал ми е што дозволив да ми поставуваш граници.

Жал ми е што ти дозволував да ме заклучуваш во сопствената куќа. 

Жал ми е што не гледав колку си лош за мене. 

Жал ми е што, секој ден, одново и одново, имаше полна уста навреди за мене.

Жал ми е што дозволив тие зборови да бидат фрлени на мене. 

Жал ми е што уморна си доаѓав дома.

Жал ми е што во истата секунда не ти враќав на пораките.

Жал ми е што во истата секунда не ти кажував каде сум или со кого сум.

Жал ми е што поради тоа беше исфрустриран.

Жал ми е што секој ден ја слушав твојата бучава затоа што секој ден правев нешто погрешно.

Жал ми е што на социјалните мрежи не ти давав повод за повторно да бидеш лут на мене.

Жал ми е што не го најде она што го бараше. 

Жал ми е што се убедував себеси дека сѐ ќе пројде.

Жал ми е што ти дозволив така да се однесуваш со мене.

Од сите грди зборови, од силната болка предизвикана од тие зборови и уште погрди дела, силна љубомора и посесивност, јас сѐ уште се обидувам да извлечам нешто добро од таа твоја „љубов“ кон мене. 

Се обидувам да не мислам на тебе и на луѓето кои попатно ги изгубив. И не можам веќе да се преправам дека ми е сеедно, да се држам настрана и да лажам дека не ме боли. Ме боли.

Сакам само да ти кажам дека ми е жал што порано не сфатив дека смеам да ти кажам НЕ и дека смеам да се свртам и да си заминам...