Саем за вработување и кариера во Скопје

Саемот за вработување и кариера, организиран од студентската организација БЕСТ (Борд на европски студенти по технологија) од денеска до 12 април ќе се одржува на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

На саемот студентите можат да се информираат за се што нудат компаниите учеснички, како и за потенцијално работно место или пракса. Компаниите, пак, имаат можност да стапат во контакт со нивните потенцијални вработени.

– Нашата цел е да ги доближиме амбициите на студентите до компаниите и да бидеме дел од нивниот чекор поблиску до кариерата. Минатата година Job fair се покажа како најуспешен досега, со вкупно 36 присутни компании, велат од БЕСТ.

Според организаторите, овој саем е одлична можност за студентите да добијат пракса или работа во некоја од најдобрите компании во земјата. Потребно е да ги остават своите биографии на www.jobfair.org.mk  и со тоа да станат дел од датабазата до која имаат пристап сите компании – учеснички од Република Македонија и надвор од неа, во текот на целата година.

Компаниите на овој саем ќе имаат можност да држат бесплатни предавања и презентации.