Саем за мебел годинава нема, но саемски попусти има

Саем за мебел годинава нема да има, но саемски попусти на мебелот веќе има, ама во салоните на трговците и производителите.

Годинава се прекинува 43-годишната традиција на оваа престижна саемска манифестација што вообичаено се организираше во втората половина на март, зашто нема каде да се одржи, откако саемските хали лани ги купи “Бафин груп” со намера на нивно место да гради станбено-трговски центар. Од “Скопски саем” остана само фирмата, која, пак, не поседува простор за организиарање на манифестациите.

Производители и трговци со мебел кои и годинава сакале да ги изложат своите новитети на “Саемот за мебел” велат дека од “Скопски саем” добиле одговор дека нема да се одржи. Со желба да ја задржат традицијата и да одговорат на навиката на граѓаните на почетокот на пролетта да купуваат мебел по пониски цени, поголем дел од нив до крајот на месецов нудат саемски попусти на своите производи. Бидејќи нема организирана манифестација, граѓаните за ова ги информираат преку реклами во медиумите и на социјалните мрежи. Некои од нив рекламираат дека организираат саем во своите салони, а некои пак само соопштуваат дека мебелот им е со вообичаениот саемски попуст, главно до 25 проценти. Изостанувањето на “Саемот за мебел# годинава го искористија и интернет трговците, кои понудија свои саеми со намалени цени на мебел.

Сепак, не е исто. Саемот за мебел не го постуваа само оние кои сакаа да купат нешто поевтино, туку и граѓани на кои единствена цел им беше да ги видат новитетите што ги нуди домашната и странската индустрија за мебел, зашто оваа саемска манифестација практично беше и празник за очите. Исто така, во саемските хали, освен мебелот, се промовираа и новите трендови за уредување на домот и градината, бањите и слично, а имаше и голема понуда на опрема за домаќинството по цени пониски од тие во продавниците. Сега, за да ја видат понудата на мебел и опрема за домаќинствата по намалени цени, заинтересираните треба да шетаат од еден до друг крај на градовите, од салон за мебел до салон за мебел, наместо како на саемите, за неколку часа да видат се на едно место. Освен ова, оние кои купуваа мебел на саем, можеа на истото место да аплицираат и за кредит, зашто свои штандови во саемските хали имаа и банките.

Ланскиот 43. Меѓународен саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел – МЕБЕЛ 2017 се одржа од 21 до 26 март во 11 саемски хали, во кои се претставија над 400 домашни и странски изложувачи. Над 50-те илјади посетители освен мебел можеа да видат и оригинални дизајни за уредување на домот, опрема за бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, канцелариски и мебел за јавни објекти. На саемот беа претставени и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво.

Последната саемска манифестација што ја организираше “Скопски саем|, беше “Технома”, што се одржа лани во октомври и таа беше прва надвор од саемските хали. “Технома 2017# се одржа на далеку помал простор, во спортската сала “Борис Трајковски”, а потоа поради немање соодветен простор, некои традиционални саемски манифестации “Скопски саем# ги откажа.

Инаку, истовремено со продажбата на локацијата на саемот на “Бафин груп”, нов сопственик доби и компанијата “Скопски саем”. Тоа е бугарски “Кардфинанс”. Од “Скопски саем#, лани за време на одржувањето на “Технома” најавија дека ќе продолжат со организирање на саемските манифестации, но не кажаа каде. Саемот за мебел годинава дефинитивно нема да го организираат, но, како што дознаваме, ќе има “Саем на книгата” и тоа во вообичаениот термин на почетокот на мај, во спортската сала “Борис Трајковски”.