Саем на ВМРО-ДПМНЕ: Нашите градоначалници и во услови на криза ги даваат посакуваните резултати

Под слоганот „Саем на промените што носат иднина“, денеска политичката партија ВМРО-ДПМНЕ одржа саем по повод една година отчет за сработеното на градоначалниците поддржани од партијата, кои победија на последните локални избори.

Претседателот на партијата Христијан Мицкоски изрази задоволство од сработеното на градоначалниците кои како што рече и во услови на економска, политичка и енергетска криза креираат успешни политики.

– По многу часови напорна работа, по многу непроспиени ноќи поминати во комуникација со градоначалниците, по многу пот, пожртвувана работа, посветеност, можам да кажам дека сум задоволен од она што се постигна. Најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина. И тие се малата, но многу значајна надеж дека може поинаку. Започнавме да градиме една поинаква слика и покажуваме со дела дека може поинаку, може подобро и може она што е најважно да се работи чесно. Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата, истакна претседателот на партијата во своето обраќање.

Тој рече дека градоначалниците реализирале проекти во вредност од 7.458.790.588 денари или близу 120 милиони евра.

– Резултат за почит. Ако имаме предвид дека власта, имајќи го на располагање целиот рекорден буџет за оваа година, реализираше нешто повеќе од оваа бројка, тогаш само по себе можете да забележите колкав е подвигот на овие луѓе, нивниот тим, администрацијата, но и на сите нас, на вас и граѓаните кои цело време им даваат поддршка да ги реализираат тие проекти. Во истите тие општини се реализираа или се отпочна со реализација во патна инфраструктура, градба на надвозници, клучки, нови улици, булевари или нивна реконструкција во вредност од над 36 милиони евра. За градба или реконструкција на водоводни и канализациони мрежи за една година се отпочна со инвестициски циклус вреден од над 20 милиони евра  или точно 1.278.181.531 денари, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека градоначалниците успеале да воспостават пракса на решавање на проблемите заедно со граѓаните.

– Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата. Проблеми кои се решаваат заедно со граѓаните. Срушена е бариерата која со децении постои помеѓу граѓанинот и политичарот. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата можете да ги видите по парковите, градилиштата, маалата, улиците, достапни за народот. Очи в очи да разговарате, да дебатирате, да критикувате. И знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту пак тоа го ветивме, но затоа се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе проблеми и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме, порача Мицкоски.

Покрај дискусијата за сработеното во општините и интеракција со градоначалниците, на саемот се водеа и повеќе дискусии за актуелни теми како што се локалниот економски развој, енергетиката и локалните самоуправи, дигитализацијата.