САД и Иран се согласија на двонеделнно примирје - се очекува наскоро нормализирање на цените на нафтата

Доналд Трамп објави дека ова е голем ден за светскиот мир откако САД и Иран, со посредство на Пакистан, се согласија на условно двонеделно примирје, проследено со отворање на Ормускиот Теснец.

Трамп во последен момент уште еднаш го одложи својот ултиматум до Иран откако вчера се закани со „уништување на цела цивилизација“ ако Техеран не прифати договор.

„Иран сака тоа да се случи, доста им е! Исто така, и на сите други. САД ќе помагаат во зголемувањето на сообраќајот во Ормускиот Теснец. Ќе има многу позитивни акции. Ќе се заработат големи пари. Иран може да го започне процесот на реконструкција. Исто како што ја доживуваме во САД, ова би можело да биде златна доба на Блискиот Исток“, посочи Трамп во објава на социјалните мрежи.

И тој и Белата куќа го прогласија примирјето за голема победа на САД.

Брзо по објавувањето на договорот, Израел исто така кажа дека го поддржува примирјето, но додаде дека тоа не го вклучува Либан.

„Израел ја поддржува одлуката на претседателот Трамп да ги суспендира нападите врз Иран на две недели, под услов Иран веднаш да го отвори Теснецот и да ги запре сите напади врз САД, Израел и земјите во регионот. Израел, исто така, ги поддржува напорите на САД да се осигура дека повеќе нема да има нуклеарна, ракетна и терористичка закана од Иран. Двонеделното примирје не го вклучува Либан“, соопшти израелската влада.

И иранската влада и иранските медиуми го прогласија прекинот на огнот за голема победа на режимот. Врховниот совет за национална безбедност кажа дека Иран ги постигнал речиси сите свои цели во оваа војна и дека непријателот се соочува со историски неуспех. Оттаму додаваат дека преговорите САД-Иран ќе се одржат во главниот град на Пакистан, Исламабад, во рок од 15 дена.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи објави дека Иран ќе се согласи на прекин на огнот доколку запрат нападите врз Иран.

Откако сите страни се согласија на прекин на огнот, неговата активна примена на терен и нормализацијата на пловидбата низ Ормутскиот теснец, може да се очекува наскоро пад на цената на нафтата на светско ниво.