С. Македонија повеќе не е дел од глобално незадоволителните држави во делот на корупцијата

 Северна Македонија има постигнато значителен и суштински напредок во делот на борбата против корупцијата со што повеќе не е во групата на глобално незадоволителни држави. ГРЕКО нотирал напредок во исполнувањето на препораките од четвртиот круг на евалуацијата, со што сме чекор поблиску до ЕУ, објавија денеска вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ.

Телото на Советот на Европа кое се занимава со мониторинг на антикорупциските стандарди во земјите од ГРЕКО на вчерашната седница нотирал напредок во Северна Македонија во делот на исполнување на препораките од четвртиот круг на евалуација.

Станува збор за 19 препораки за превенција во делот на корупцијата во Парламентот, судството и обвинителството, од кои земјава нема исполнето само две. Целосно се исполнети девет препораки, а делумно осум препораки.

Според Николовски, овој напредок претставува дополнителен стимул и поттик на заложбите на Владата за градење на стандарди и принципи за превенција од корупцијата во сите области.

– Новата Влада е цврсто решена и одлучна да се спротистави на криминалот и корупцијата во сите области. Тоа ќе го постигнеме заедно со сите надлежни институции, експертите, коморите и сите останати чинители во овој дел, порача Николовски.

Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека последниот извештај на ГРЕКО за евалуацијата на РСМ во четврти круг кој беше усвоен на вчерашната 85. пленарна седница, јасно ја препознава одлучната и фокусирана акција на нашата држава од изминатиот период во насока на спречување на корупцијата, промоција на интегритетот кај централната власт и органите за спроведување на законот.

– Овој извештај покажува дека нашата земја бележи напредок односно дека Република Северна Македонија повеќе не е во групата на земји кои не ги почитуваат правилата и практиката на ГРЕКО. Дотолку повеќе, како што спомна вицепремиерот Николовски, нашата земја прави голем исчекор. Досегашната оценка за усогласеност со дадените препораки на ГРЕКО која досега беше генерално незадоволителна сега се искачува на задоволително, додаде тој.

Следствено на тоа, како што појасни Маричиќ, повеќе нема да се аплицира правилото 32 од Деловникот за работење на ГРЕКО што се однесува на земјите кои немаат задоволителен степен на усогласеност со препораките на ГРЕКО.

Министерот за правда потенцира дека ГРЕКО го констатирала фактот дека последните два мандати министрите за правда не присуствуваат на седниците на Судскиот совет, како и дека со новиот Закон за судски совет правото на глас на министерот за правда во ова тело е одземено.

– Сепак, ГРЕКО остана на ставот дека оваа препорака ќе се смета за исполнета само откако ќе се измени Уставот на Република Северна Македонија каде што е утврдено дека министерот за правда учествува во работата на Судскиот совет, меѓутоа ние направивме се што е во моќ на Владата со сите останати правила и со практиката да не учествуваме и да не влијаеме како Влада во работата на Судскиот совет, рече Маричиќ.

Како што посочи министерот за правда, преземени се мерки за јакнење на независноста, департизираноста и интегритетот на судиите поротници што е констатирано и поздравено од ГРЕКО, а усвоен е кодекс за судска етика, водич за негова примена и формирано е тело за негова имплементација што е посебно поздравено од ГРЕКО, особено одредбите за забрана на примање на подароци и услуги.

Маричиќ наведе дека ГРЕКО го констатира носењето на нов Закон за судови во кој се утврдени многу попрецизно од порано основите за дисциплинска одговорност на судиите и го потенцира и поддржува фактот дека овој Закон повеќе не содржи одредба за разрешување на судија што не применил одлука на ЕСЧП автоматски.

Донесен е единствен етички кодекс на јавните обвинители усвоен од Државниот јавен обвинител кој ги обврзува сите јавни обвинители во државата. Донесен е нов Закон за ЈО чија содржина, особено во врска со санкциите и дисциплинските мерки за јавните обвинители ГРЕКО ја поздравува.

– Со усвојувањето на овој извештај од страна на ГРЕКО, РСМ е чекор поблиску до ЕУ. Но, нашата работа не завршува тука. Ќе продолжиме уште попосветено да работиме на исполнување на препораките на ГРЕКО од петтиот круг на евалуација коишто се на тема спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт, највисоките извршни функции и органите за спроведување на Законот којшто започна во 2017 и со доставување на евалуацискиот прашалник за овој круг од страна на ГРЕКО продолжува да се работи, најави Маричиќ.

ГРЕКО до нас упати вкупно 23 препораки, од кои девет се донесуваат на централната власт и 14 на органите за спроведување на Законот, односно МВР.

– Во наредниот период ќе продолжиме со адресирање на преостанатите препораки, од кои во делот на правда само некои се на пример промоција на етичкиот кодекс на Собранието меѓу пратениците и развојни механизми за негова имплементација, тоа веќе беше спомнато од вицепремиерот, додефинирање на етичкиот кодекс и процедурите за постапување на јавните обвинители, обезбедување на механизам за длабинско следење на изјавите за конфликт на интереси и имотна состојба на пртениците, судиите и обвинителите од страна на ДКСК и нивна интероперабилност со другите институции согласно законските надлежности. Исто така, една од точките е подготовка на нов закон за лобирање за кој Министерството за правда е во завршна фаза на изработка, најави Маричиќ.

Препораките на ГРЕКО беа објавени во 2014 година и се однесуваа за превенција на корупцијата во Парламентот, судството и обвинителството. Оттогаш до 2018 година се спроведени две оценувања во однос на мерките кои државата ги има преземено за исполнување на дадените препораки. Тогаш, ГРЕКО контатираше дека голем број од препораките не се имплементирани во реалноста заради што земјава беше вброена во групата на глобално незадоволителни држави.