Според Balkan Barometar 2023, 76% од младите на возраст од 18 до 24 години ја поддржуваат регионалната соработка, а 67% од нив се согласуваат дека она што ги зближува граѓаните на Западен Балкан е поважно од тоа што ги раздвојува се вели во соопштението на RYCO.
Од аму додаваат дека регионалната соработка и вмрежувањето, почитта и разбирањето се клучни фактори за креирање на мирна иднина. Владите и општествата од Западен Балкан мора континуирано да соработуваат и инвестираат во изградба на попросперитетна и безбедна иднина за сите млади, иднина која се гради врз вредностите на толеранција, доверба и почит.
„Одржлива мирна иднина се создава кога младите ќе ги вклучиме директно во процесите на одлучување и ќе им овозможиме да придонесат за просперитетот на нивните заедници, и кога носителите на одлуки ќе ги носат финалните одлуки во директни консултации и соработка со младите. На младите мора да им се даде поголем простор во одлучувањето и политичките процеси за да работат на зајакнување на помирувањето, соработката и стабилноста на регионот. Бидејќи тие имаат многу креативни идеи, позитивен дух и енергија ослободени од предрасуди и стереотипи кои го движат општествениот прогрес. Студиите за младите, вклучително и студијата на RYCO „Заедничка иднина“ покажуваат дека младите во регионот споделуваат многу заеднички карактеристики, еден на друг гледаат со доверба и љубопитност, иако понекогаш со претпазливост. Потребен ни е регион кој е изграден врз идеалите за мир и обезбедува подобра средина за новите генерации. Кога младите луѓе се поврзуваат со споделување искуства и идеи, меѓусебно учење и градење пријателски врски преку младински размени и други програми кои ја поттикнуваат соработката, тогаш можностите за образование и мобилност, мирот и помирувањето во регионот се зајакнуваат. Имаме многу вакви регионални позитивни примери со реализираните проекти „SuperSchools“, „Harmony Hero Awards“, „RYCOgnized“, „Youth Peace and Security“, и други“, вели Владимир Ѓорѓевски од RYCO, меѓувладина институција која континуирано поддржува проекти и иницијативи што им овозможуваат на младите лица да бидат ангажирани и поврзани низ целиот регион преку програми за интеркултурна соработка, младински размени, споделување искуства и идеи.
RYCO започна со работа во 2017 година каде над 40.000 млади лица се вклучени во програми и активности за интеркултурна соработка. Целта на оваа организација е да го поттикне и поддржи градењето на мирот и помирувањето во регионот, а младите лица да можат да бидат вистински креатори на промените во обликувањето на мирна иднина за сите.