Русковска: Во претресите во Италија нови докази за случајот со ИПА фондовите, има предистраги и истраги за функионери за други случаи

Во претресите што се спроведени во Италија во врска со случајот за злоупотреба на ИПА фондовите, за што се сомничат државниот секретар на Министерстото за информатичко општество и администрација и поранешен вработен во истото Министерство, се пронајдени докази кои ќе служат во постапката што се води против нашите државјани.

Ова го изјави денеска обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која денеска во Скопје учествуваше на Конференцијата „Заедничка соработка и правна помош во борбата против транснационалниот организирам криминал“.

Неофицијално истрага за злоупотреба на ИПА фондовите се води против Јахи Јахиу, државен секретар во МИОА од редовите на ДУИ и Јасмина Гелеска од Скопје која била раководител на сектор во Министерството.  Тие се сомничат за примање покуп при избор на компанија за спроведување на проект финансиран од ИПА фондовите.

Русковска напомена дека е рано да се каже што има во запленетите материјали, пред се во комјутерите и мобилните телефони и додаде дека ќе треба да се почека вештачењето .

Акцијата е спроведена во координација со италијанското обвинителство од Милано и со поддршка на „ЕУРОПРАВДА“. Спроведени се симултани претреси во Северна Македонија и во Италија и тоа пет претреси во Скопје и Куманово од кои во две правни лица и едно министерство, како и во осум правни лица во Италија. Во акцијата на нашето Министерство привремено одзедени се повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), УСБ и микро СД мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација.

Русковска нагласи дека се уште нема осомничени од фирмите во земјава во кои е вршен претрес и додаде дека треба време за да се подготват сите докази, а потоа ќе се согледа дали истрагата ќе се прошири и на други осомничени.

Во врска со тоа дали има истраги за ИПА фондовите или други злоупотреби против други функционери таа вели дека во тек се предистражни и истражни постапки за определени функционери и тоа пред се за економски криминал и копруција, а во моментов се гони, како што рече, барем еден судија.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески нагласи дека комуникацијата со италијанските власти е на високо ниво и како што рече резултат на тоа е и последната истрага.

Двајцата осомничени како службени лица, во периодот од јуни 2014 до август 2015 година од италијанско правно лице преку посредници – италијански државјанин, советник во правното лице, и англиски државјанин – деловен партнер на англиско правно лице со подружница во Скопје, примилe подарок – патување во странство во три наврати, со вкупна вредност од 7.000 евра за да му овозможат на правното лице кое аплицирало на тендерот да има пристап до доверливите тендерски информации.

Со тоа, тие му овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти и како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот за што бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра.

Во текот на 2016 година, во периодот кога во Министерство за информатичко општество и администрација веќе отпочнало спроведувањето на ИПА проектот, како награда, првоосомничениот во два наврати примил во готовина парични средства во вкупен износ од 37.930 евра, односно 2.332.695,00 денари, а второосомниченото лице примило подарок во вкупен износ од 2.500 евра, односно 153.750,00 денари.

Од страна на надлежен јавен обвинител е доставен предлог за определување мерка притвор против првоосомничениот, кој во 2005 година бил гонет и за кривично дело „злоупотреба на избирачкото право“ по член 161 и во истиот предмет осуден со парична казна за повреда на избирачкото право од член 159 од Кривичниот законик.  Второосомниченото лице во моментот не се наоѓа на територијата на нашата држава.

Истрагата е спроведена во изминатите два месеци во соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи со меѓународните организации ОЛАФ и ЕВРОПРАВДА, како и со повеќе држави – Италија, Холандија, Романија и други европски земји. Предметот е од меѓународни димензии и е инициран од страна на Европската служба за спречување измама – ОЛАФ која преку Јавното обвинителство во Милано доставила замолница за меѓународна правна помош до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.