Рускоска со СМС до апелациските судии: Ако сте ја пуштиле Катица од гаќи ќе ве истресам

„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“. СМС порака со оваа содржина, како што соопшти денеска Апелацискиот суд, испратила јавната обвинителка Вилма Рускоска до еден од членовите на Кривичниот совет на Апелација, во врска со донесената одлука за пуштање на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во домашен притвор.

Апелацискиот суд во Скопје денеска на колегум расправал по најавите на Рускоска дека ќе покрене финансиска истрага против судиите кои вчера донесоа одлука со која ја пуштија во куќен притвор поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, обвинета во случајот „Рекет“.

– Апелациониот суд Скопје, во врска со изнесената содржина на СМС пораката, како и подоцнежен јавен настап на јавниот обвинител со слична содржина во медиумите, недвосмислено изразува став дека тоа претставува директна закана и грубо мешање во работата на судот каде јавното обвинителство е само странка во постапката. Апелациониот суд Скопје смета дека ваквото однесување на јавен обвинител претставува искористување на позицијата на јавен обвинител и обид преку јавен настап да се наметне постоење на елементи на корупција во постапувањето на Кривичниот совет и да се изрази неосновано и паушално сомневање во поглед на правилноста и законитоста на одлуката на Кривичниот совет за определување на мерка куќен притвор која по својата законска поставеност и правна природа е мерка која после мерката притвор, претставува најстрога мерка за обезбедување присуство на обвинетите во кривичната постапка, стои во соопштението.

Колегиумот, како што се посочува во соопштението од Апелација, оценил дека искажаните сомневања на Рускоска се паушални, неосновани и грубо мешање во работата на судот.

– Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодексот на јавните обвинители. Токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката. За погоренаведеното писмено се известени и надлежните институции, се наведува во денешното соопштение од Апелацискиот суд во Скопје.

Апелацискиот суд вчера ја уважи жалбата на Јанева и и одреди мерка куќен притвор по што таа ја напушти „Шутка“ и замина во станот на нејзиниот син во близина на Клубот на пратеници. Оттаму ќе го чека првото судско рочиште закажано за 3 декември.