Руски експеримент покажува колку огромна е зависноста на децата и тинејџерите од модерната технологија

Еден семеен психолог од Русија осмислил интересен експеримент, со намера да ја тестира својата хипотеза дека денеска децата не се во состојба да се одделат од технологијата.

Во рамки на експериментот, на деца и млади од 12 до 18 години им било понудено доброволно да поминат 8 часа сами, без телефон, интернет, радио и телевизија. Им било дозволено да читаат, пишуваат, свират музички инструменти, цртаат, да пеат и пешачат во природа. Целиот експеримент бил замислен да трае една недела.

Според правилата, тие требале секое утро да дојдат и да ги пренесат своите впечатоци за времето поминато без технологија. Во текот на експериментот им било дозволено да ги запишат своите чувства, додека пак психологот можел да го прекине експериментот ако детето се чувствувало премногу напнато или непријатно.

Психологот верувал дека експериментот е безопасен и безбеден, но не очекувал шокантни резултати. Од 68 учесници, само 2 девојчиња и 1 момче успеале да го завршат експериментот до крај.

Учесниците посочувале дека чувствувале напади на паника, налети на топлина, вртоглавица, болка во стомакот, како и мисли за самоубиство кај некои од нив. 

По завршувањето на експериментот, тинејџерите најчесто веднаш ги проверувале социјалните мрежи, дел од нив се јавувале кај пријателите, а само тројца се јавиле кај своите родители. Тие истакнале дека сите нивни стравови исчезнале кога експериментот бил прекинат за нив.