Има нешто утешно, но и моќно во оваа мисла.
Photo by Hayati Ayrancı
„Сè што бараш, те бара тебе“ не е само обична фраза, тоа е филозофија на живеење. Во време кога копнежот за љубов, припадност, успех или мир често изгледа како бескрајно трчање по нешто недостижно, Руми нè потсетува дека сме далеку поблиску до одговорите отколку што мислиме. Наместо да ги гледаме нашите желби како далечни светла на хоризонтот, оваа мисла нè охрабрува да ги доживееме како нешто што ни доаѓа во пресрет – исто како и ние што се движиме кон нив.
Кога ќе ја прифатиме оваа идеја, престануваме да гледаме на себе како на празни садови што треба да се наполнат однадвор. Наместо тоа, почнуваме да се слушаме, да се вратиме дома, во себе. Бараме љубов, но забораваме дека веќе ја носиме. Бараме спокој, но го прегазуваме со бучава. Бараме смисла, а не забележуваме дека таа се раѓа во секој мал чин на свесност, грижа и искреност.
Photo by Eyüpcan Timur
Оваа мисла е и повик за доверба, не слепа, туку длабока и внатрешна. Да веруваме дека сме на вистинското место во вистинското време, дури и кога не изгледа така. Да веруваме дека тоа што го бараме, било да е тоа лична трансформација, длабока врска, создавање на нешто свое, веќе некако се движи кон нас, тивко, чекор по чекор. И дека нашата задача не е да трчаме по него, туку да го препознаеме кога ќе го сретнеме.
Кога ќе престанеме да го третираме животот како потрага по нешто што недостасува, почнуваме да живееме во состојба на полнотија. Сè што е навистина наше, веќе се поврзува со нас – не по случајност, туку по вибрација. Руми верувал дека душите се привлекуваат не со сила, туку со искреност. Со вистинска намера. Со отворено срце.
Затоа, кога нешто длабоко ќе те повика, не го сметај тоа за слабост или празнина. Сметај го за дијалог. Зашто она што го бараш, те бара и тебе. Само треба да бидеш доволно тивок за да го слушнеш како ти шепоти назад.