Руинираното училиште во Кучково ќе прерасне во единствен центар за рехабилитација на деца кои се избориле со карцином

Руинираното училиште во Кучково, во скопско Ѓорче Петров, ќе прерасне во единствен центар за рехабилитација на деца кои се избориле со карцином!

Оваа одлична вест за дечињата и родителите кои поминале низ тешки денови, лекувајќи се од канцер, ја сподели градоначалникот Александар Стојкоски. 

Проектот " Приказната продолжува за деца кои победиле канцер" влегува во фаза на реализација, а истиот е поддржан од Швајцарската Агенција за Развој при Амбасадата на Швајцарија во Македонија, Министерството за локална самоуправа и Општина Ѓорче Петров.

 -Договорот за реализација на Регионалниот центар во с.Кучково наменет за деца кои се лекувани од канцер денеска е потпишан помеѓу Министерството за локална самоуправа и Скопски Плански Регион. Регионалниот центар ќе претставува место каде на децата со прележан канцер, организирано и на едно место ќе им се понуди грижа, преофесионална поддршка и едукација.Целта е да им се помогне не само на емоционално, психичко и физичко ниво, туку да се вратат во образовниот процес и во новиот живот по канцер, информираше Стојкоски. 

- Преку реконструкција и адаптација на стариот објект на ОУ во с.Кучково во регионален центар ќе се воведе комплетно нова регионална родово-сензитивна социјална услуга за деца во социјален ризик. На површина од над 650м2, Центарот ќе инкорпорира: комплетно опремени соби за престој на 20 деца со 20 родители, комплетно опремена кујна со трпезарија, комплетно опремени училници за одвивање на дигитално он-лајн образование, комплетно опремени бањи и тоалети, комплетно опремена Мирна соба, детско игровно катче, соба за лесни физикални вежби, соба за психо-социјални работилници, просторија за систем за ладење и греење, ТВ соба и административен дел.

- Децата заедно со родителите ќе бидат вклучени во 10 дневна бесплатна програма за ресоцијализација. Вратите на овој објект ќе бидат отворени за сите дечиња од училишна возраст кои го завршиле своето болничко лекување на ЈЗУ Детска клиника-Скопје и се во ремисија и сите деца кои ќе го завршат своето лекување на клиниката, а може да доаѓаат и од соседните држави, информираа надлежните.

 Вкупен буџет за проектот е 23.574.076 МКД, а општина Ѓорче Петров учествува со 4.758.076 МКД.