Ручек за почетници: Кремасти компири во рерна

Компирот можете да го подготвувате на безброј начини, да го комбинирате со различни состојки и секогаш да имате вкусен ручек.

Можете само да го пресечете на пола, да додадете зачини и да го испечете или да го сварите и да направите со него вкусно пире кое ќе биде совршен прилог за ручекот со месо.

Но, ако сакате вкусни, меки и кремасти компири, тогаш овој рецепт за печени компири со крем супа и суво месо е вистинскиот избор за вас.

Состојки:

  • 700 g компири

  • 50 g маргарин или 2-3 лажици масло

  • 100 до 150 g сувомеснато по желба

  • 1 кромид

  • 1 кесичка супа од печурки

  • 8 dcl вода

  • 2 dcl млеко

  • сол

Начин на подготовка:

Измијте ги компирите и исечете ги на парчиња. Премачкајте го плехот во кој ќе ги печете, наредете ги компирите и ставете неколку парченца маргарин или малку масло врз нив.

Ставете го плехот во рерна и печете околу половина час на 200 °C додека не омекне, повремено мешајќи.

Додека компирите се печат, подгответе ја супата според упатството на кесичката.

Исечкајте ги кромидот и сувото месо посебно. Штом компирите омекнат, додадете го кромидот и половина од сувото месо.

Прелијте ги компирите со готовата супа и додадете го преостанатото месо.

Вратете ги во рерна и печете додека компирот сосема не омекне.