РСБСП со совети: Тргнете безбедно и подготвено на семејно патување

Доколку тргнувате на пат во услови на зголемени температури посветете внимание на следното:

Пред пакувањето - задолжително направете проверка на возилото кај вашиот овластен сервисер

Пред да тргнете на пат, проверете ја техничката исправност на возилото, посебно на уредот за управување и застанување, состојбата на пневматиците и електроинсталацијата.

Не дозволувајте некоја скриена неисправност на возилото да ве изненади во текот на возењето - тоа може да ве чини многу кога станува збор за вашата безбедност, а секако ќе ве чини и многу пари и време. Да не зборуваме за останатите непријатности и настанатите нервози.

Проверете во каква состојба ви е резервната гума и проверете дали имате прва помош во гепекот? Дали сте ставиле течност за миење на стаклата, итн.?

Наспијте се

Наспијте се добро пред да седнете зад воланот и пред да тргнете на пат! Не тргнувајте на пат веднаш после работното време. Поради заморот организмот ја намалува подготвеноста за проценка на ситуација и способноста за навремена реакција во сообраќајот.

Јадете нешто лесно – бидејќи, ако се прејадете ризикувате да ви се приспие и ризикувате стомачни проблеми.

Понесете со себе доволно вода (вода, не слатки сокови, од кои уште повеќе ќе бидете жедни).

Внимавајте што ќе облечете на себе и на нозе

Немојте да возите во лабави и лесни летни обувки, без разлика што можеби тоа воопшто не ви пречи. Обувките мора да бидат такви да не можат да ви испаднат од стапалата.

Вашата гардероба треба да биде удобна, при што подобро е појасот да биде преку маица, отколку на тело.

Никако немојте да возите боси - тоа не е дозволено и не е безбедно.

Информирајте се за предностите на ноќното и дневното возење

Доколку е возможно, избегнувајте возење во ноќните часови, без разлика на тоа што тогаш се помали турканиците, посебно на граничните премини.