РСБСП со нова кампања „Безбедно возење со трактор“

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) започнува кампања за безбедно учество во сообраќајот со земјоделска механизација и работни машини, која има за цел да ја подигне свеста за сериозните последици од неодговорното учество во сообраќајот со трактори и работни машини.

Возачите на трактори и други работни машини, согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и согласно со Законот за возила, за да учествуваат во сообраќајот треба да поседуваат соодветна возачка дозвола и да управуваат со технички исправни и регистрирани возила.

– Искуството од терен и податоците од Станиците за технички преглед на возила, покажуваат дека  голем број возачи на трактори и работни машини не поседуваат соодветна возачка дозвола и голем број на трактори, мотокултиватори, приколки и други работни машини, учествуваат во сообраќајот, нерегистрирани, неосигурани, неосветлени и технички неисправни, нагласуваат од РСБСП.

Кампањата ќе се реализира на територијата на цела држава, во сите земјоделски региони, со поддршка на Министетрството за внатрешни работи и општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата, и други.

Во рамки на кампањата РСБСП во соработка со МВР, ќе организира повеќе настани и активности и тоа: сообраќајни контроли, едукативни разговори и поуки со возачите на трактори и работни машини, дистрибуција на едукативни материјали, во прв ред, засилени активности за едукација на возачите на наведената категорија на возила, за потребата од поголема видливост на тракторите, приколките и другите работни машини во сообраќајот, дистрибуција на флуоросцентни траки, триаголници, ротациони светла итн.

Од РСБСП, посочуваат дека ќе бидат реализирани и активности преку електронските и социјалните медиуми, со цел,  за подигнување  на свеста за последиците од неодговорното учество во сообраќајот со трактор, приколка, мотокултиватор, итн.

РСБСП, исто така, упатува апел до возачите на трактори и други работни машини да бидат внимателни при управувањето со нив и да ги означат со законски пропишаната сигнализација, со цел да бидат видливи за останатите учесници во сообраќајот со што би се избегнале евентуални сообраќајни незгоди кои може да резултираат со повреди и загуби.

– Безбедноста на возачите на трактори и на останатите учесници во сообраќајот секогаш треба да биде на прво место, посочуваат од РСБСП.