РСБСП: Оставете ги мобилните телефони додека возите

Патниот сообраќај претставува извор на многу опасности од кои произлегуваат сериозни  последици – загубени човечки животи, голем број повредени лица, огромни материјални загуби.

Во Република Македонија, годишно, околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 6.000 лица се повредени во сообраќајни незгоди. На светско ниво, бројот на лица кои го губат животот во сообраќајни незгоди изнесува околу 1.3 милиони, а до 50 милиони секоја година се здобиваат со повреди од сообраќајни незгоди.

Причините за сообраќајните незгоди се различни, но најчесто се сведуваат на еден заеднички чинител – грешка на возачот.

Современиот начин на живот наметнува силна динамика, многубројни обврски и постојана трка со времето да се биде присутен секаде и во секое време. Возачите многупати се нервозни и нетрпеливи, не ги следат внимателно случувањата во сообраќајот, а како последица на нивната деконцентрираност и дефокусираност, прават грешки.

Лошите навики и одвлеченото внимание кон друга секундарна активност за време на возењето, во науката се дефинира како „возење под одвлечено внимание“.

Одвлечено внимание претставува пренесување на вниманието од безбедно управување со возилото, кон некоја друга активност. Во ваква ситуација, вниманието на возачот е привремено поделено меѓу две задачи, примарна задача (возење) и секундарна задача што не е поврзана со возењето. Во втората категорија ги вклучуваме сите активности што се случуваат додека возачот управува со возилото и го пренасочуваат или намалуваат неговото внимание од сообраќајот и патот: разговор на мобилен телефон, пишување СМС или допишување на Вајбер, играње игри, фотографирање, јадење, пиење, козметичко средување, слушање премногу гласна музика, набљудување на околината и природата, гледање по билборди, реклами, користење запалка за цигара, пушење итн.

 Одвлеченото внимание претставува закана за возачите, но истовремено и за сите учесници во сообраќајот, првенствено за пешаците. Токму затоа, РСБСП им препорачува и ги советува возачите, пешаците и останатите учесници во сообраќајот, секогаш да бидат концентрирани и внимателно да ги следат случувањата во сообраќајот. Моментот на одвлечено внимание може да биде кобен и да заврши со смртни последици или со тешки последици по здравјето на учесниците во сообраќајот.

Во Република Македонија не постои прецизна статистика за тоа колкав процент од сообраќајните незгоди се случуваат поради одвлечено внимание кај возачите, но  во Австралија тој процент изнесува околу 11% од сообраќајните незгоди, а во САД околу 25% од сообраќајните незгоди. РСБСП апелира до учесниците во сообраќајот: Оставете ги мобиилните телефони додека учествувате во сообраќајот, бидете внимателни, фокусирани и концентрирани, следете ги внимателно случувањата во сообраќајот и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и почитувајте ја сообраќајната сигнализација.