РСБСП ја почнува втората фаза од кампањата „Младост без лудост“

Младите и понатаму остануваат во фокусот на активностите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Републичкиот совет за безбедност на  сообраќајот на патиштата од денес започнува со реализација на втората фаза од кампањата „Младост без лудост“ која има цел едукација и подобрување на безбедноста на младите, како ранлива  категорија учесници во сообраќајот.

Пред нас е период на нестабилно и врнежливо време. Снегот може да предизвика дополнителни проблеми во сообраќајот.  Исто така,  следуваат  денови на празници и тоа е период на славење, опуштена атмосфера и поголемо количество на алкохол.  Водејки се од тоа,  фокусот на  РСБСП во оваа кампања ќе биде ставен токму на овие проблеми со кои во наредниот период ќе се соочи младата популација.

Кампањата започнува денес, а ќе се реализира континуирано до март 2018 година. Во оваа фаза од кампањата ќе ги едуцираме младите за опасносностите во сообраќајот со кои тие се соочуваат во текот на зимскиот период, а тука спаѓаат: употреба на зимска опрема, лизгавиот колозов, возење со брзина поголема од дозволената, возење под дејство на алкохол и психотропни супстанции и сл.

Според статистиката на Светската здравствена организација, секој час во текот на секој ден, повеќе од 40 млади луѓе се жртви во сообраќајни незгоди на патиштата,  односно  секој ден  повеќе од 1000 луѓе на возраст до 25 години се жртви во сообраќајни незгоди во светот. Тоа значи дека, секој ден илјадници фамилии се соочуваат со фактот дека загубиле млад член од семејството.

Во Македонија,  согласно статистиката на РСБСП во 2016 година,  25 лица на возраст до 24 години го загубиле животот во сообраќајни незгоди, додека повеќе од 2000 лица се повредени.  Младите спаѓаат во категоријата на најранливи учесници во сообраќајот.

Кампањата ќе се реализира преку електронските и социјалните медиуми, преку билборди и други јавни медиуми, но исто така, Републичкиот совет  во престојниот период ќе биде присутен и помеѓу младите со цел директно да се влијае на нивните промени и на начинот на кој тие се однесуваат во сообраќајот.