РСБСП и МВР: Вози велосипед и почитувај ги сообраќајните правила

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи во следните седум дена ќе реализираат низа активности со кои ќе се приклучат кон Европската недела на мобилност со цел да ги промовираат алтернативните форми на мобилност, особено на велосипедизмот.

Претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска по тој повод денеска изјави дека велосипедот како алтернативно превозно средство носи со себе персонални, економски, социјални, еколошки и многу други придобивки.

– Истражувањата покажуваат дека во изминатата деценија бројот на луѓе кои патуваат до своето работно место со велосипед, континуирано  се зголемува од ден на ден и позитивно е оваа појава да продолжи и во иднина. Еколошките бенефити кои ги носи велосипедизмот се исто така доста значајни. Велосипедот како превозно средство не троши фосилно гориво и со тоа нивото на издувни гасови во воздухот се намалува и квалитетот на воздухот расте. Што значи дека колку повеќе автомобили отстраниме од улица и ги замениме со велосипеди, толку подобро за сите нас, за нашето здравје, и околината во која што живееме, рече Кожуваровска.

Истражувањата покажуваат дека најголемиот дел од секојдневните патувања се пократки од пет километри што ги прави идеални за користење велосипед со што се избегнува метежот по улиците и се стигнува побрзо до посакуваната дестинација.

Според портпаролот на МВР Тони Ангеловски, институциите мора  да го стимулираат велосипедизмот, но мора и велосипедистите да ги почитуваат сообраќајните знаци и правила.

– Евидентно е дека во последните години се повеќе се користат велосипедите и оти имаме се повеќе велосипедски патеки, особено во Скопје, што е за поздравување. Но, како и сите учесници во сообраќајот, и велосипедистите мора да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Почитувајќи ги правилата ја обезбедуваме својата безбедност, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот, порача Ангеловски.

Во август годинава, како што посочи Ангеловски, има шест жртви во сообраќајните несреќи, а во август минатата година имало 19.

– Ова е сериозно намалување, но продолжуваме со интензивните активности за овие бројки да се намалуваат и натаму. Ги повикувам и оние граѓани кои досега не ги почитуваа правилата, да ни се приклучат и сите заеднички да обезбедиме безбедни патишта. 2020 беше најбезбедна година според бројот на жртви на патиштата, но првите осум месеци од 2021 покажуваат дека оваа година е со најмал број на жртви на патиштата, рече Ангеловски.

Министерството за внатрешни работи веќе воведе велосипедски патроли, составени од полициски службеници кои извршуваат работни задачи во превентивното полициско работење, но и во делот на одржување на јавниот ред и мир, спречување на вршење кривични дела и прекршоци и санкционирање на сторители. Вакви патроли веќе функционираат во повеќе градови во земјава.