Родителите прашуваат: „А, после два дена ќе има чист воздух?“

Поради континуираното загадување на воздухот, како и метеоролошките прогнози за следните денови, Владата на Република Македонија, донесе итна мерка за продолжување на траењето на зимскиот распуст.

По ваквата одлука на Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство граѓаните на социјалните мрежи коментираа дека оваа мерка нема да го реши проблемот:

Александра Рајчина Спасовска пишува:  За децава во градинка што одат не важи, друг воздух дишат они, а и родителите што ги носат.... Поголема глупост после епидемијата немав прочитано цццц

Андријана Велкова Воиновска коментира: А после два дена ќе има чист воздух?

Жаки Маки Терезиева пишува: Што ви текна во последен момент, а тие што се договараат да ги чуваат нивните деца додека родителите се на работа, не ви е гајле што чудна земја сме.

Дијана Миланова коментира: Леле после два дена излегувајте надвор и диште чист воздух, колку што можете.

Елизабета Василевска пишува: За два дена ќе се решил порблемот, кои детски глупости и што значи школите ќе бидат функционални без деца само со наставници подобро и тие да не одат на работа за да не се трујат...

Анета Крстевска коментира: Ако не се радуваат децата..Само проблем е што саботите ќе ги обработуваат...

„Продолжување на траењето на зимскиот распуст за сите ученици ќе трае во времетраење од два дена, заклучно со вторник, 22 јануари 2019 година. Училиштата ќе бидат во функција, учениците нема да посетуваат настава во наведениот период“, наведуваат од Владата.

Во овој период Владата, нагласуваат оттаму, ќе ја следи состојбата врз основа на која, а во координација со Министерството за образование и наука, ќе одлучи околу времетраењето на продолжувањето на зимскиот распуст.

Според временската прогноза и утре времето ќе биде променливо облачно со појава на магла по одделни котлини, и со повремени локални врнежи од дожд и снег. Максималните дневни температури ќе се движат од 1 во Берово, 2 во Маврово, 5 во Скопје, 6 во Охрод до 8 степени во Дојран.

 Во наредните денови се очекува променливо облачно време со поверемни локални врнежи од дожд на пониските места и снег на повисоките места и планините. Во втората половина од неделата врнежите се очекува да бидат пообилни.

Воедно покрај продолжениот распуст, Град Скопје апелираше да се користи јавниот превоз за што донесе одлука тој да биде бесплатен во главниот град додека трае енормното загадување. Од вчера и цените на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг се двојно зголемени,  а донесена е и одлука за  прекинување и градежните активности на градилиштата под наглежност на  Град Скопје.

Државните институции и јавните претпријатија треба да ја намалат до 50 проценти употребата на службени  возила. Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да спроведува контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух, со препорака инсталациите со А – ИСКЗ дозвола да го намалат капацитетот на производство до 50 прценти. Оваа мерка нема да важи за инсталациите кои произведуваат топлинска или електрична енергија.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, Град Скопје побара зачестено да ги контролира издувните гасови на возилата и да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Градот Скопје. Од МВР се бара и да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чија крајна дестинација  не е Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница.