Родителите од Гази Баба со стариот проблем: За место во градинка или со врски или се чека со години

Пред два дена скопско Стајковци доби нова детска градинка. Како што рече градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, градинката ќе биде од огромна помош за родителите од населените места Стајковци, Црешево, Булачани, Смилковци, Виниче, Раштак, Страчинци и Брњарци кои сега нема да имаат потреба дечињата да ги носат во најблиските градинки кои се со километри оддалечени од нивните домови.

Иако првиот човек на општината вели дека во изминатите три години се отворени повеќе од 250 нови места во детските градинки на подрачјето на Гази Баба, граѓаните реагираат дека сепак, за место во градинка, се чека со години поради што еден од родителите е приморан да го напушти работното место за да го чува детето дома.

Овој проблем го делат голем број скопјани кои се родители, а нивните реакции ги преплавуваат социјалните мрежи. Реагираат дека, ако има места во градинките во Гази Баба како што тврди градоначалникот, зошто тогаш со години се чека.

„Ние 3 години чекаме за да не повикаат за во градинката во Хиподром“, пишува една мајка.

„Моето дете е запишано пред 2 години и сеуште не е примено во градинката во Хиподром. Јас поради тоа сум дома, не можам да тргнам на работа. Всушност бараат потврда од двајцата родители дека се вработени, а јас како да тргнам, кога треба првин детето да биде во градинка. Кој мене да ми го чува детето додека да тргне и да се адаптира на новата средина. Едно се ветува друго се постапува“, гласи коментар на друга мајка од Хиподром.

„Што е со недостатокот на градинки во населба Ченто? Единствен начин да тргне дете во градинка во населбава е со врски инаку се чека 2, 3 па и 4 години. Кога ќе направите нови градинки? Секое дете треба да си има место во градинка кога двајца родители работат“, пишува друга мајка.

Градоначалникот на Гази Баба во својата објава на ФБ профилот потеницра дека, освен што е изградена нова градинка во Стајковци, проширени се капацитетите во градинките „Морковче“ во Јурумлери и „Калинка“ во Железара, а се пофали и дека сите 11 детски градинки во Општина Гази Баба се реконструирани.