Многу млади луѓе имаат слична како оваа приказна. Во минатото факултетите не се плаќале, но ретко кој се одлучувал за студирање. Денеска ако сакаш да студираш и да одиш еден чекор напред, мора да имаш некој денар повеќе.

Многу родители, сакаат своите деца да бидат академски граѓани, да завршат факултет, па се жртвуваат на различни начини за да им го овозможат тоа. Се позајмуваат или пак земаат кредити од банките.

Магдалена е девојка од скопското село Инџиково. Родителите и се обични работници, кои земаат едвај минимални плати. Таа има завршено средно гимназиско образовани, како одличен ученик. Уште додека учела и било јасно дека немаат финансии за да го продолжи понатамошното школување. Но, таа сепак се надевала, но она што го посакувала не и се исполнило. Откако завршила четврта година, не се запишала на факултет. Останала дома.

-Бев тажна, скршена. Знаев дека не ми вредат моите петки од средно. Знаев дека никогаш нема да најдам добра работа и покрај тоа што бев одличен ученик и се трудев многу во училиштето. Сите мои соученици се запишаа на факултет, дури и оние кои беа слаби ученици. Но, се помирив со фактот дека моите не можат тоа да ми го дозволат, раскажува Магдалена.

Таа после некој месец, започнала да работи како продавачка во еден маркет. Во рок од една година и се омажила.

-Се омажив млада на 20 години. Во тој момент сфатив дека на моите родители ( а верувам дека се уште ги има такви) поважно им беше мажењето отколку школувањето. Се позајмија и земаа кредит за да направиме голема свадба. Свадба со сите нишани. Гости до трето колено... Парите со години ги враќаа во банките. Свадбата заврши, а јас од таа свадба имам само видео касета ( на тоа време), но пак сум без факултетска диплома, додава Магдалена.

Магдалена денеска е мајка на три дечиња. Вели, никогаш нема да дозволи нејзините деца да останат без диплома, а особено ако силно го посакуваат тоа.

-Моите деца денеска одат на англиски, во музичко училиште и спортуваат. И јас го сакав сето тоа кога бев дете, но немав услови. На моите деца нема ништо да им фали, вели таа.