Девет месеци откако Собранието едногласно донесе одлука за формирање Анкетна комисија за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, комисијата сè уште не е формирана.
Родителите на загинатите 63 млади луѓе сега повторно бараат од власта и опозицијата да ја исполнат преземената обврска и да го започнат парламентарното испитување на околностите што доведоа до трагедијата.
Од Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“ велат дека семејствата повеќе немаат потреба од политички објаснувања, туку од конкретни постапки и рокови.
„Јавно соопштете конкретен рок кога Комисијата ќе биде оформена и ќе започне со работа. Нашите деца не беа политичари. Тие беа млади луѓе кои излегоа да се забавуваат и требаше да се вратат дома. 63 од нив не се вратија“, порачаа од здружението.
Родителите бараат пред јавноста да се отворат сите прашања поврзани со трагедијата: кој знаел, кој контролирал, кој имал надлежност и не постапил и како било возможно со години институциите да не ги спречат пропустите кои денес се предмет на истраги и судски постапки.
Од здружението потсетуваат дека Анкетната комисија не е суд и нема задача да утврдува кривична вина. Нејзината улога, велат тие, е да утврди каде потфрлил системот и дали постоела политичка одговорност.
„Системот не е апстрактен поим. Го сочинуваат институции, а институциите ги водат луѓе со име, презиме, функција и одговорност“, велат родителите.
Во меѓувреме, политичките партии и натаму имаат различни објаснувања зошто комисијата не започнала со работа. Од опозицијата, односно СДСМ, предводен од Венко Филипче, во изминатиот период неколкупати го менуваа ставот околу номинирањето членови. Иако претходно беше најавено дека партијата ќе ги достави своите предлози, Филипче сега повторно посочува дека се очекува допис од собранискиот спикер Африм Гаши.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, како причина го наведуваат постоењето на друга собраниска Анкетна комисија за Кочани, која ја води Димитар Апасиев. Според нив, не треба паралелно да работат две комисии кои ќе го разгледуваат истиот случај.
Од Димитар Апасиев и Левица засега нема официјален рок кога ќе биде закажана работата на постојаната Анкетна комисија. Досега од партијата објаснуваа дека се обидуваат да ги усогласат ставовите со ВМРО-ДПМНЕ, која има свои предлози за заклучоци. Анкетната комисија, во меѓувреме, не е меѓу приоритетите на ДУИ и Вреди.
Нејзиниот мандат, освен трагедијата во „Пулс“, опфаќа и други тешки случаи – пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица, автобуската несреќа кај Ласкарци, во која животот го загубија 16 лица, како и автобуската несреќа во Бугарија, во која загинаа 45 луѓе.
Додека политичките партии девет месеци се повикуваат на различни процедури и оправдувања, во други случаи поврзани со трагедии и институционални пропусти веќе има значајни разврски. ОЈО ГОКК ја затвори истрагата за набавката, тендерите и материјалите за модуларните болници. Врховниот суд ја укина пресудата за случајот „Ласкарци“, по што осудените лица излегоа од затвор, а пред излегување од притвор е и сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко.